Американскиот актер и комичар Адам Сендлер е прогласен за најплатен актер во Холивуд во 2025 година според листата на магазинот „Forbes“.
Сендлер во изминатата година заработил приближно 48 милиони долари, благодарение на новите филмски проекти и соработката со големи продукции, вклучувајќи филмови на платформата „Netflix“. Листата опфаќа вкупно 20 најплатени актери чија вкупна заработка минатата година изнесувала 590 милиони долари.
Во текот на 2025 година Сендлер го продуцираше и глумеше во филмот „Happy Gilmore 2“, долгоочекуваното продолжение на популарната спортска комедија од 1996 година. Исто така играше во филмот „Jay Kelly“ заедно со Џорџ Клуни. Неговата улога на Рон Сaкеник, лојалниот менаџер на филмската ѕвезда Џеј Кели, му донесе и номинација за најдобар спореден актер на доделувањето на Златните глобуси.

Иако беше прв на листата во 2025 година, Сендлер заработил значително помалку од минатогодишниот лидер. Имено, актерот Двејн Џонсон беше најплатен во 2024 година со заработка од 88 милиони долари.
На второто место на листата на „Forbes“ се наоѓа Том Круз, кој заработил 46 милиони долари благодарение на филмот „Mission: Impossible - The Final Reckoning“, осмото продолжение од популарниот акциски серијал.

Третото место го зазеде Марк Волберг со заработка од 44 милиони долари, додека четврта е Скарлет Јохансон со 43 милиони долари. Меѓу првите пет се наоѓа и Бред Пит кој заработил 41 милион долари.

Волберг најголемиот дел од приходите ги остварил благодарение на проектите „The Family Plan“ на платформата „Apple TV+“, потоа филмот „Play Dirty“ на „Prime Video“, како и филмот „Flight Risk“ кој го режирал Мел Гибсон. Јохансон глумеше во филмовите „Jurassic World: Rebirth“ и „The Phoenician Scheme“ на режисерот Вес Андерсон, а минатата година дебитираше и како режисерка со филмот „Eleanor the Great“.
Бред Пит ја играше главната улога во филмот „F1“ во продукција на компанијата „Apple“, кој доби номинација за најдобар филм на доделувањето на Оскарите за 2026 година.

Меѓу десетте најплатени актери се најдоа и Дензел Вашингтон (38 милиони долари), Џек Блек (28 милиони долари), Џејсон Момоа (28 милиони долари), Даниел Крег (27 милиони долари) и Мили Боби Браун (26 милиони долари).
Вашингтон минатата година глумеше во филмот „Highest 2 Lowest“ на режисерот Спајк Ли. Џек Блек и Џејсон Момоа заедно се појавија во филмот „A Minecraft Movie“, додека Блек исто така глумеше и во римејкот на филмот „Anaconda“ со Пол Рад. Даниел Крег повторно го играше детективот Беноа Бланк во филмот „Wake Up Dead Man: A Knives Out Mystery“.

Актерката Мили Боби Браун стана најмладата личност што некогаш се нашла на листата на „Forbes“ за најплатени актери. Оваа 22-годишна ѕвезда, позната по серијата „Stranger Things“, освен во завршната сезона на популарната серија, глумеше и во филмот „The Electric State“ заедно со Крис Прат.

Проценките за заработката што ги објавува „Forbes“ се темелат на податоци од платформите „Box Office Mojo“ и „IMDb“, како и на интервјуа со инсајдери од филмската индустрија. Наведените износи ја претставуваат заработката откако ќе се одбијат надоместоците за агенти, менаџери и адвокати.















