Легендарниот фудбалер Роберт Просинечки во интервју за „Flashscore“, зборуваше за својата тренерска кариера, спомените од славната генерација на Црвена звезда од Бари, но и за модерниот фудбал.
Просинечки моментално работи како селектор на Киргистан, а како што рече, ја прифатил понудата од оваа азиска земја бидејќи сè уште го сака фудбалот.
Тој особено се осврна на Црвена звезда и генерацијата што го освои Купот на европските шампиони во 1991 година.
„Годината 1991 година ни враќа многу спомени на сите нас што бевме таму. Имавме тим со многу квалитет, тим составен од играчи од цела поранешна Југославија. Поминав четири години во Звезда и имам одлични спомени. Тоа беше можеби најдобриот период од мојата кариера. Со таа генерација, клубот го постигна својот најголем успех, освојувајќи го Купот на европските шампиони, што е нешто огромно“.
Од Црвена звезда, Просинечки се пресели во најславниот клуб во светот, Реал Мадрид.
„Во 1991 година, сите сакаа да го потпишат Роберт Просинечки, а јас сакав да одам во Реал Мадрид. Тоа беше најдоброто нешто што можеше да ми се случи. Но, во тој период имав многу повреди. Луѓето почнаа да велат дека сум направен од стакло, дека постојано сум повреден и сето тоа создаваше голем притисок. Во исто време, започна војната во мојата земја, моето семејство беше во Загреб и секако бев загрижен. Не барам изговори, тоа беше едноставно реалноста. Поминав три години во Реал и денес можеби сè уште сум малку повеќе „меренге“ отколку „барселониста“.
На крајот, тој зборуваше и за Пеп Гвардиола, кого го запознал кога бил играч на Барселона.
„Не беше особено брз, но неговата глава… беше исклучително интелигентен. Имаше фантастичен прв допир и разбирање на играта. Беше многу паметен на теренот, исто како што е денес како тренер“, заклучи Просинечки.









