Генијалецот што ги сруши Советите, го освои светот и исчезна во сопствената осаменост

Точка

12/03/2026

17:01

710

Големина на фонт

а а а

Кога неговата сестра на шестгодишна возраст му подарила евтин шаховски сет купен во продавница за слатки, никој не можел ни да претпостави дека токму тоа ќе ја започне лавината што ќе ја промени историјата.

Шахистот Роберт Џејмс Боби Фишер беше симболичен херој на Студената војна, човекот кој сам ја сруши советската шаховска империја и ја претвори древната игра во глобален спектакл. Растел со самохраната мајка Реџина и постарата сестра Џоен, преселувајќи се од град во град. Кога сестра му на шестгодишна возраст му подарила евтин шаховски сет купен во продавница за слатки, никој не можел да претпостави дека со тоа ќе започне лавина што ќе ја промени историјата. Играта брзо станала негова опсесија. Додека неговата мајка се грижела дека поминува премногу време сам, Боби голтал шаховска литература и играл безброј партии сам против себе.

На тринаесет години одиграл партија против искусниот мајстор Доналд Бирн, која поради брилијантната и неочекувана жртва на дамата влезе во аналите како „Партија на векот“. Веќе на 14 години станал најмладиот шампион на САД, а на 15 и најмладиот велемајстор во светот, рушејќи ги сите дотогашни рекорди. Освоил осум американски шампионати, а на оној во 1964 година остварил резултат што никогаш не е повторен – победил во сите 11 партии, постигнувајќи единствен совршен скор во историјата на турнирот. Светот гледал со восхит, но Фишер имал само една цел – да стане светски шампион и да ја сруши советската доминација што траела со децении. На патот до мечот за титулата, во Кандидатските мечеви во 1971 година, направил нешто незамисливо. Прво советскиот велемајстор Марк Таиманов, а потоа и Данецот Бент Ларсен ги победил со идентичен, речиси понижувачки резултат 6:0. Таква доминација беше без преседан. Светот беше подготвен за конечната пресметка – дуел што го надминуваше спортот. Тоа беше судир на Истокот и Западот, комунизмот и капитализмот, колективот и поединецот, сè сведено на 64 црно-бели полиња.


Во летото 1972 година, во Рејкјавик на Исланд, Фишер се соочи со светскиот шампион Борис Спаски. Целата планета го следеше „Мечот на векот“. Фишер, секогаш непредвидлив и тежок за соработка, со своите барања го доведе мечот до работ на откажување. Доцнеше, се жалеше на камерите, бучавата, столицата, а втората партија дури ја предаде без борба. Во Вашингтон завладеа паника. Лично го повика тогашниот советник за национална безбедност Хенри Кисинџер и му порача дека се бори за својата земја. Фишер се врати на таблата и, по почетното заостанување од 2:0, почна да го „меле“ Спаски. Неговата победа со резултат 12,5:8,5 беше повеќе од спортски триумф – тоа беше сеизмичка победа за Америка во екот на Студената војна. Шахот стана глобален феномен, а „Фишер“ треската го зафати светот. Во САД членството во шаховската федерација се удвои. Но токму на врвот на славата започна неговиот стрмоглав пад.

Само три години подоцна, во 1975 година, Фишер требаше да ја брани титулата против новиот предизвикувач Анатоли Карпов. Постави низа услови, од кои некои беа разумни, а други бизарни. Клучниот беше мечот да нема ограничен број партии и шампионот да ја задржи титулата во случај на резултат 9:9. Меѓународната шаховска федерација „FIDE“ го одби тој услов, а Фишер, верен на својата тврдоглавост, едноставно ја предаде титулата без борба и исчезна од јавноста. Следните 20 години ги помина во целосна изолација, а за него кружеа само гласини за параноично однесување и бизарни уверувања.


Неочекувано, во 1992 година Фишер се врати. Прифати понуда од пет милиони долари за неофицијален реванш против својот стар ривал Спаски во Југославија, која тогаш беше под санкции на ОН. Американската влада го предупреди дека го крши законот, но на прес-конференција во Белград Фишер пред камерите буквално плукна врз официјалниот документ на американското Министерство за финансии. Со победата заработи 3,35 милиони долари, но стана бегалец. Никогаш повеќе не се врати во татковината. Живееше како изгнаник во Унгарија, на Филипините и во Јапонија, а неговите јавни изјави стануваа сè помрачни. Неговиот антисемитизам, и покрај сопственото еврејско потекло, стана отворен и жесток, а по терористичките напади на 11 септември 2001 година го шокираше светот со изјава дека „го поздравува тој чин“ и дека сака да ја види Америка „избришана од лицето на земјата“. Херојот на Америка стана нејзин огорчен непријател.

Во 2004 година неговата одисеја го достигна дното. Беше уапсен на аеродромот во Токио поради користење неважечки американски пасош и помина осум месеци во притвор, соочен со екстрадиција во САД. Додека светот во голема мера го беше заборавил некогашниот шампион, една земја не го заборави. Исланд, домаќинот на неговиот најголем триумф, му понуди државјанство од хуманитарни причини. Во март 2005 година Фишер слета во Рејкјавик – градот во кој некогаш стана крал – сега како слободен човек, но и како сенка од она што некогаш беше. Таму живееше повлечено, опкружен со мал круг пријатели кои го штитеа од светот. Неговиот најблизок пријател беше Гардар Сверисон, во чија зграда живееше и чие семејство стана и негово.


Последните години од животот ги помина во борба со тешка болест на бубрезите. Одбиваше операции и поголемиот дел од конвенционалните лекови, верувајќи во природни методи на лекување. Болките стануваа сè посилни, а неговото тело сè послабо. Во агонија често бараше само човечки допир. Неговиот пријател, психијатарот Магнус Скуласон подоцна се потсети на зборовите на ФИшер: „Ништо не смирува како човечкиот допир.“ Кон крајот на 2007 година неговата состојба драстично се влоши и конечно, исцрпен, се согласи да се врати во болница. Почина на 17 јануари 2008 година на 64-годишна возраст – симболично, колку што има полиња на шаховската табла. Во согласност со неговата желба, беше погребан во тајност на малите гробишта на црквата Лаургарделир, далеку од очите на јавноста што ја презираше, во присуство на само пет луѓе.

Неговото наследство останува сложено. Од една страна се неговите револуционерни придонеси во играта, како „Фишер“ часовникот и „Chess 960“, како и книгата „My 60 Memorable Games“, која се смета за вистинско ремек-дело.