Зошто цената на нафтата е поважна отколку што мислите?

Точка

10/03/2026

22:33

405

Големина на фонт

а а а

Влијанието од војната на САД и Израел против Иран почнува да се чувствува ширум светот, без разлика каде живеете.

Како што конфликтот го блокира извозот на нафта од регионот на Персискиот Залив, а производителите почнуваат да го намалуваат производството, шокот во снабдувањето ја зголеми цената на нафтата, ги разниша финансиските пазари, ги покачи цените на горивата и ги засили стравувањата од поголем економски удар, пишува „BBC“.

Шок во снабдувањето со нафта

Војната непријатно потсети на постојаната зависност на светот од Блискиот Исток кога станува збор за енергентите, потсетувајќи на кризите со снабдување од 1950-тите и 1970-тите години.

Сепак, аналитичарите велат дека овојпат влијанието е значително поголемо.

Околу 20 проценти од светското производство на сирова нафта поминува низ Ормускиот Теснец, каде што војната го блокираше поморскиот сообраќај.

Аналитичарите наведуваат дека производителите на нафта и гас надвор од регионот, како САД, Бразил и Норвешка, имаат ограничени можности брзо да го зголемат производството.

Иако локалните нафтоводи можат делумно да послужат како алтернативна рута, нивниот капацитет не е доволен, поради што производителите во регионот почнаа да го намалуваат производството. Според „Reuters“, во Ирак производството паднало за повеќе од 60 проценти, додека и Кувајт и Обединетите Арапски Емирати го намалуваат производството.

Енергетските притисоци не се ограничени само на нафтата. Околу 20 проценти од светското снабдување со природен гас исто така е намалено откако државната енергетска компанија од Катар ја запре производството поради воените напади.


Без лесен начин да се надоместат загубите, аналитичарите на „JP Morgan“ очекуваат „видливи недостатоци“ да се појават во Азија и Европа веќе во рок од една недела.

Во Азија, која е особено зависна од увоз на енергија, некои влади веќе воведоа ограничувања на цените и рационализација на потрошувачката. Државните медиуми наведуваат дека универзитетите во Бангладеш биле затворени порано поради празникот „Eid al-Fitr“.

Во Велика Британија министерката за финансии Рејчел Ривс предупреди на ризик од инфлаторен шок.

Некои земји размислуваат за пуштање на нафта од стратешките резерви за да ја ублажат кризата, но аналитичарите велат дека ефектот би бил ограничен. Аналитичарот од компанијата „Rapid Energy Group“, Хантер Корнфејнд, вели дека количината ослободена нафта би била „безначајна“ во однос на побарувачката.

„Ова во суштина е најголемиот шок во снабдувањето во модерната историја на глобалниот пазар на нафта“, рече тој.

Повисоки цени на енергијата

Засега тоа значи повисоки цени на енергијата.

„Brent“ нафтата и американскиот референтен тип „West Texas Intermediate“ нагло поскапеа од почетокот на војната, а во еден момент во понеделникот се приближија до 120 долари за барел, пред да паднат на нешто под 85 долари.

Тоа директно се одразува врз трошоците за компаниите и домаќинствата.

Во Велика Британија и Европа цените на природниот гас речиси се удвоија во споредба со периодот пред почетокот на војната.


Дури и во САД, кои се голем производител на нафта и гас и релативно се заштитени од глобалните промени на цените, цената на горивото порасна на околу 3,50 долари по галон, од околу 2,90 долари пред еден месец.

„Goldman Sachs“ минатата недела процени дека привремено зголемување на цената на нафтата на 100 долари за барел може да го намали глобалниот економски раст за 0,4 процентни поени.

Доколку конфликтот не заврши до крајот на месецот, аналитичарите предупредуваат дека цената на нафтата би можела да ги надмине рекордните нивоа од 2022 година по руската инвазија на Украина, а во некои сценарија може да достигне и 150 долари за барел.

Во тој случај последиците за економијата би биле „прилично драматични“, бидејќи високите трошоци би ги принудиле домаќинствата и компаниите да ја намалат потрошувачката.

Влијание врз бизнисот – од технологија до земјоделство

Аналитичарите внимателно следат дали енергетскиот шок ќе влијае врз производството на чипови – индустрија која е клучна за автомобилите, паметните телефони и другата технологија, бидејќи Тајван, центарот на производството, се потпира на увоз на енергија.

Во САД постои и загриженост дека растот на цените на енергијата може да ги погоди технолошките компании кои градат инфраструктура за вештачка интелигенција („AI“).

Енергетската криза не се однесува само на нафтата.

Блискиот Исток е важен извор на алуминиум, сулфур (кој се користи во преработка на метали како бакар), како и состојки за ѓубрива, вклучувајќи уреа.

Како што растат цените на овие суровини, притисокот може да се прелее и врз цените на храната и индустриските производи.


Во САД околу 25 проценти од увозот на ѓубрива пристигнува во март и април, кога започнува сезоната на сеидба.

„Ова не можеше да дојде во полош момент“, рече фармерот Хари От од Јужна Каролина, кој одгледува памук, пченка и соја.

Кога минатата недела го повикал добавувачот на ѓубрива за да започне со нивна примена на полињата, му било кажано дека компанијата привремено ја прекинува продажбата и испораките додека не го процени влијанието од војната.

Компанијата во меѓувреме ги зголемила цените, што би можело да ја зголеми неговата сметка за ѓубриво за околу 100 долари по акр и практично да го избрише профитот за оваа сезона.

„Ова се тешки времиња, а она што сега се случува со ѓубривото беше целосно неочекувано“, рече От.


Политички притисок

Аналитичарите велат дека економските ризици се најголеми во Азија и Европа, кои силно зависат од увоз на енергија – што се гледа и на берзите.

Во Јапонија и Јужна Кореја главните берзански индекси паднаа околу 10 и 15 проценти, додека германскиот „DAX“ падна за повеќе од 7 проценти од почетокот на војната.

Во САД падот е помал – индексот „S&P 500“ опадна за околу 1,2 проценти.

Сепак, растот на трошоците за живот пред конгресните избори во ноември може да стане политички проблем за претседателот Доналд Трамп доколку поскапувањата почнат посилно да ги погодуваат потрошувачите.

Белата куќа испраќа мешани сигнали за плановите во регионот, што предизвикува сомнежи дали претседателот е подготвен за долготраен конфликт.

Дури и ако Трамп прогласи крај на војната, аналитичарите предупредуваат дека стравот од нови конфликти може долго време да ги одржува високите цени на енергенсите.

„Колку и да САД и Израел ги прогласат операциите за завршени, Иранците можеби нема така да гледаат на тоа“, предупреди аналитичарот Пол Санки. „Тоа може да значи дека оваа ситуација ќе трае многу подолго од формалното прогласување на крајот на непријателствата.“