[ВИДЕО] „Една навреда до смрт не му ја прости“: Борбата на векот и левото кроше за паметење – денот кога почна најголемото ривалство во историјата на боксот

Точка

08/03/2026

13:53

3.295

Големина на фонт

а а а

На денешен ден, 8 март 1971 година, во Медисон Сквер Гарден во Њујорк се одржа „борбата на векот“ меѓу Мухамед Али и Џо Фрејзер.

Тоа беше судир на титани – двајца боксери кои до тој момент беа непоразени. Мухамед Али влезе во арената со скор 31-0, а Џо Фрејзер со 26-0.

Мухамед Али беше поголема ѕвезда, бидејќи 12 години претходно освои златен медал на Олимписките игри во Рим, го смени своето име и се откажа од името Касијус Клеј, а на целиот свет му објасни дека „лета како пеперутка и боцка како пчела“. Зад себе имаше историски победи против бестрашниот Сони Листон, конфликт со државното раководство поради Виетнамската војна, во која одби да учествува …

Од друга страна, Фрејзер беше 12-то дете во сиромашно семејство, во кое го разви својот познат удар со левата рака, откако ја скрши таа рака бркајќи прасе. Бидејќи немал можност да се лекува со совети и грижа од лекари, самиот работел на зајакнување на раката и таа зараснала така што станала негово громовито оружје.

По стил сосема различни, Али беше харизматичен зборлест боксер, танчар во рингот со совршена техника, додека Фрејзер беше доказ дека трудот го победува талентот – уличен борец кој без многу стил и гард не штедеше ниту себе ниту противникот.

Во арената од 36 квадратни метри, опкружена со јажиња, ова дуо таа вечер првпат ги вкрсти ракавиците. Како вистински гладијатори се бореа сите 15 рунди, неуморно, без да размислуваат дали ќе излезат живи од рингот, туку само за тоа противникот прв да падне и да не стане додека не заврши одбројувањето од десет секунди.

Иако за Али ова беше прв меч по тригодишна пауза, тој подобро го започна дуелот. Сепак, Фрејзер брзо се консолидираше и доминираше во поголемиот дел од борбата. Со едногласна одлука по 15 рунди, Фрејзер му го нанесе првиот пораз на Мухамед Али и на тој начин создаде ривалство за кое се зборува и денес.

По овој меч двајцата беа актери и на уште две историски борби кои исто така станаа антологиски. Али подоцна го победи Фрејзер во 1974 и 1975 година и ја потврди репутацијата на најголемиот боксер на сите времиња.

Боксерските ракавици што легендарниот Мухамед Али ги носеше во борбата против Џо Фрејзер во 1971 година беа продадени на аукција за 400.000 долари во 2014 година.


Во каков транс била Америка сведочи и фактот дека мечот се пренесувал во кино-сали, за билет што чинел пет долари. Затоа борбата морала да се одржи во понеделник, бидејќи таа вечер се прикажувале најмалку филмови и кината имале најмалку работа.

За жал, за двајцата долго се паметеа и навредите што Али му ги упати на Фрејзер во 1971 година, кога големиот ривал го нарекуваше „Чичо Том“, алудирајќи дека бил премногу благ кон „белите робовладетели“.

Дури и кога Али сериозно се разболе, Фрејзер таа негова болест ја нарече „поетска правда“. Толку многу го болеле зборовите што ги слушал за себе во тие денови.

Фрејзер почина во 2011 година, а никогаш не му прости на Али, кој присуствуваше на неговиот погреб и почина пет години подоцна. Иако гневот со децении полека стивнуваше, нивниот конфликт остана. И двајцата заминаа без вистинско и искрено помирување.