[ФОТО/ВИДЕО] Реакцијата на Меси на зборовите на Трамп предизвика критики: „Празен, себичен човек“

Точка

07/03/2026

16:37

1.202

Големина на фонт

а а а

Еден од најдобрите фудбалери на сите времиња, Лионел Меси, се најде на удар на критики откако со тимот на Интер Мајами ја посетил Белата куќа.

Аргентинската суперѕвезда и неговите соиграчи во четвртокот добиле пофалби од американскиот претседател Доналд Трамп, но средбата на Меси со претседателот и аплаузот упатен кон неговиот говор за војната во Иран предизвикаа лавина од негативни реакции, пишува Ал Џезира.

Интер Мајами, актуелниот шампион на „Major League Soccer“ (MLS), беше поканет во Вашингтон за да му се оддаде почит за освојувањето на титулата против Ванкувер Вајткепс во декември, а Меси втора сезона по ред беше прогласен за најкорисен играч на лигата.


„Моја исклучителна привилегија е да кажам нешто што ниту еден американски претседател досега немал можност да го каже: Добредојде во Белата куќа, Лионел Меси“, рекол Трамп додека 38-годишниот фудбалер стоел покрај него.

„Лео, дојде и победи, а тоа е нешто многу тешко да се направи, многу, многу необично … врз тебе беше ставен многу поголем притисок отколку што кој било би знаел, затоа што некако се очекуваше да победиш, но речиси никој не победува“, додал Трамп.

Трамп зборувал за уништување на Иран

Сепак, настанот добил политички тон кога Трамп ја започнал церемонијата со пофалби за американските и израелските воени напади врз Иран, кои беа започнати минатата сабота и во кои досега се убиени 1230 луѓе. Техеран одговори на нападите со лансирање ракети и дронови кон Израел и американските воени бази на Блискиот Исток.

„Армијата на Соединетите Американски Држави, заедно со нашите прекрасни израелски партнери, продолжува целосно да го уништува непријателот, далеку пред предвидениот распоред и на нивоа какви што луѓето никогаш претходно не виделе“, изјавил Трамп додека Меси стоел покрај него. Претседателот го завршил говорот со зборовите: „Нашите луѓе вршат одлична работа, повторно – најголемата војска што некогаш ја имал некој“.


Неговите зборови беа поздравени со аплауз од Меси, остатокот од тимот на Мајами и другите гости во салата.

Жестоки реакции на социјалните мрежи

Токму аплаузот упатен кон американскиот претседател додека зборувал за воената акција разгневил многумина на социјалните мрежи, каде поранешниот напаѓач на Барселона бил остро критикуван затоа што, како што наведуваат, се впуштил во политика, пишува „The Times“.

Палестинско-американскиот писател Али Абунима, коментирајќи ги снимките од настанот, напишал: „Празни себични луѓе“.

„Лионел Меси ПЛЕСКА додека претседателот Трамп зборува за својот план да го порази Иран. Фанови на Меси?“, напишал профилот „Halal Nation“ на социјалната мрежа Икс.

Шпанската новинарка Лејла Хамед потегот на Меси и неговиот тим го нарекла „бизарен“ во време на конфликтот на Блискиот Исток.

„Доналд Трамп лежерно најавува уште нелегално бомбардирање на Иран пред целиот тим на Интер Мајами“, напишала таа, истакнувајќи дека во нападите во последните денови биле убиени стотици деца во Иран. Најсмртоносниот инцидент се случил во саботата во градот Минаб, каде во напад на основно училиште биле убиени 165 девојчиња.


„Трамп точно знае што прави користејќи ги овие спортисти, а тие дозволија да бидат вовлечени во тоа“ истакнала Хамед. „Која е поентата да имаш толку влијание и моќ ако не можеш да ја искористиш во вакви моменти. Самата помисла дека повеќето од овие играчи имаат деца…“, додала таа.

Реагирал и американски фудбалски навивачки профил на Јутјуб, „Tactical Manager“. „Никогаш не мислев дека ќе доживеам Доналд Трамп да зборува за бомбардирање на друга земја со Меси и Суарез во заднина“, стои во објавата на профилот, алудирајќи на поранешниот соиграч на Меси од Барселона, Луис Суарез, кој исто така бил присутен.


Добредојде и подароци од Трамп

Се чини дека Трамп ја искористил церемонијата за да ја поврзе спортската вештина со воената моќ, но по говорот за Иран се свртел кон порелаксирани теми. Во еден момент му се обратил на аргентинскиот играч од средниот ред Родриго де Пол и прашал: „Имате ли грди играчи?“, додавајќи на шега: „Не сакам згодни мажи. Тогаш човек не се чувствува толку добро во врска со себе“.

Обраќајќи му се на Меси, кој е познат по тоа што избегнува политички теми и кој за време на церемонијата не зборувал, Трамп повторно го насочил разговорот кон спортот. „Можеше да одиш каде било во светот. Можеше да избереш кој било тим во светот, а ти одбра да дојдеш во Мајами. Не те обвинувам. Времето е исклучително добро“, рекол Трамп, спомнувајќи го и својот голф-терен Дорал.


„Само сакам да ти се заблагодарам што нè поведе сите на ова патување, затоа што си атрактивен, талентиран и прекрасна личност“, додал Трамп.

Меси му подарил на Трамп потпишана фудбалска топка од Интер Мајами, а претседателот открил дека неговиот 19-годишен син Барон е голем обожавател на Меси. „Мојот син рече: ’Тато, знаеш ли кој ќе биде таму денес?’ … Рече ’Меси!‘. Тој е твој голем обожавател. Мисли дека си едноставно прекрасна личност“, раскажал Трамп, додавајќи: „И господинот Роналдо. Кристијано е одличен. Ти си одличен“.