САД им се придружија вчера на Русија, Кина и Нигер во гласањето против резолуцијата на агенцијата за нуклеарниот надзор на ОН, со која се осудуваат нападите врз украинската енергетска инфраструктура како закана за нуклеарната безбедност.
Дипломатите изјавија дека ова е прв пат САД да се спротивстават на таква резолуција за Украина откако започна руската инвазија пред четири години, објави Ројтерс.
Седма резолуција, прв глас на САД против
Управниот совет на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), составен од 35 земји, ја усвои резолуцијата со 20 гласа „за“, 10 „против“, и четири воздржани.
Меѓу земјите што ја поддржуваат резолуцијата беа Франција, Велика Британија, Австралија, Канада, Јужна Африка и Аргентина, додека Бразил, Египет, Мароко и Саудиска Арабија се воздржаа.
Тоа беше седма резолуција за Украина откако започна руската инвазија, но прва на која САД се спротивставија.
„Не поддржуваме разгледување на непотребна резолуција“
„Иако продолжуваме да ја поддржуваме работата на МААЕ на терен, не ја поддржуваме итна расправа на Комитетот за непотребна резолуција што не помага во постигнувањето мир меѓу Украина и Русија“, се вели во соопштението на САД до комитетот пред гласањето.
Американскиот претседател Доналд Трамп претходно почна да врши притисок врз Украина брзо да постигне мировен договор што би можел да вклучува предавање на дел од територијата на Русија. Украина ја отфрли можноста за територијални отстапки.
Текстот на документот беше поблаг отколку во претходните резолуции.
Во текстот што го виде Ројтерс се вели дека одборот „повторно нагласува дека нападите насочени кон енергетската инфраструктура на Украина што обезбедува надворешно напојување на нуклеарните централи, вклучително и онаа во Запорожје (нуклеарна централа Запорожје), претставуваат директна закана за нуклеарната безбедност“.












