Според официјалните податоци на Државниот завод за статистика, во изминатите шест квартали во Република Македонија се креирани околу 18.000 нови работни места.
Бројот на вработени порасна од околу 691 илјади на над 709 илјади граѓани кои денеска се во работен однос, соопшти Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Ова, според него е јасен показател дека економските политики даваат резултат и дека економскиот раст се претвора во реални можности за работа и подобар стандард за граѓаните.
Истовремено, како што рече, овие позитивни трендови не се случајни. Тие, оцени Стојаноски, се резултат и на инвестициите кои се реализираат во државата, особено во индустријата, инфраструктурата и технолошко-индустриските зони, но и на политиките на владата за меки кредити кон стопанството и успешниот план за раст.
„Во моментов имаме договорени 17 инвестиции во ТИРЗ зоните, кои во наредниот период треба да донесат околу 5.000 нови работни места.
Тоа значи дека трендот на отворање нови работни места ќе продолжи и во наредниот период.
Паралелно со растот на вработеноста, се намалува и невработеноста.
Според последните податоци, стапката на невработеност е намалена на 11,4 проценти, што е значително подобрување во однос на претходните години.
Со други зборови, имаме повеќе луѓе кои работат, повеќе инвестиции во економијата и постепено намалување на невработеноста“.
Нашата цел, додаде тој, останува јасна – да продолжиме со политики кои носат инвестиции, отвораат нови работни места и создаваат стабилна економија во која граѓаните ќе имаат сигурност и перспектива.
„Ќе продолжиме со поддршка на стопанството, со нови инвестиции и со мерки кои ќе придонесат за уште поголема вработеност и економски раст“.











