Каква е врската меѓу загадувањето на животната средина и нашето ментално здравје

Точка

05/03/2026

12:02

237

Големина на фонт

а а а

Европската агенција за животна средина (ЕЕА) предупредува дека загадувањето на животната средина е поврзано со неколку нарушувања на менталното здравје, наведувајќи дека правилното спроведување на соодветни прописи би довело до тоа Европејците да бидат помалку депресивни и помалку анксиозни.

За проблемите со менталното здравје, особено се посочуваат загадениот воздух, бучавата и хемиското загадување, наведува агенцијата на ЕУ. „Студиите доследно укажуваат дека загадувањето на воздухот, на пример во форма на фини честички (PM2,5) и азот-диоксид (NO2), е поврзано со депресија и депресивни симптоми“, се наведува во извештајот на агенцијата.


Изложеноста на олово, ендокрини нарушувачи и други хемиски супстанции, особено во „развојните фази од животот“, може да го зголеми ризикот од проблеми со менталното здравје подоцна во животот, се додава во извештајот.

Исто така, бучавата од воздушниот и патниот сообраќај може да биде поврзана со зголемен ризик од депресија и анксиозност, особено кај ранливи и почувствителни лица.


„Напредокот кон целите за нулто загадување може да донесе дополнителни придобивки за менталното здравје и благосостојбата“, соопшти ЕЕА.

Концентрацијата на загадувачки честички во воздухот е тесно поврзана со нашето ментално здравје.


Решенијата засновани на престој во природа и во средина која не е загадена нудат научно докажани придобивки за луѓето кои страдаат од ментални нарушувања, преку намалување на стресот, анксиозноста и депресијата, како и подобрување на општата благосостојба преку контакт со природата, се наведува во извештајот.

Според податоците на ЕЕА, нарушувањата на менталното здравје претставувале шести „најголем товар“ на болести во Европската унија во 2023 година и биле осма водечка причина за смрт.