Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Ријад беше погодена од два дрона, а во дипломатскиот комплекс избувна пожар, но засега нема пријавени жртви, објави саудиското Министерство за одбрана.
Се наведува дека е предизвикана мала материјална штета.
Според Ројтерс, над Дипломатскиот кварт се гледал црн чад, додека сведоците пријавиле силна експлозија и пламен.
Саудиските власти и извори изјавија дека пожарот бил помал.
Зградата на амбасадата била празна во времето на нападот и немало пријави за жртви, објавија светските медиуми.
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, изјави за „NewsNation“ дека одговорот на Вашингтон на нападот врз амбасадата „наскоро ќе биде познат“.
Амбасадата на САД претходно издаде предупредување до американските граѓани во Ријад, Џеда и Дахран да останат во засолништа и да ја избегнуваат амбасадата до понатамошно известување.
Иранската револуционерна гарда објави дека извршила напад со дронови и ракети врз американската воздухопловна база во регионот Шеик Иса во Бахреин.
Според извештаите објавени во иранската државна агенција ИРНА, биле лансирани 20 беспилотни летала и три ракети, тврдејќи дека главниот команден штаб на базата е уништен, без да се дадат докази.
Иран изјави дека нападите биле дел од одмазда за американските и израелските напади на негова територија.
Американскиот Стејт департмент, исто така, нареди евакуација на неитен персонал и семејства во Бахреин и Јордан.
Во соопштението на Стејт департментот објавено на интернет, се наведува дека одлуката е донесена „поради безбедносни ризици“.
Израел започна нови напади врз Бејрут
Либанските медиуми објавија дека најмалку два израелски воздушни напади биле извршени во јужниот бејрутски округ Дахије, кој се смета за упориште на Хезболах.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) не ги коментираа обвинувањата, објави „Тајмс оф Израел“.
Според извештаите на арапските медиуми, цел на нападот била радио станицата Ал-Нур, во сопственост на Хезболах.
Исто така, се наведува дека во текот на ноќта бил цел на телевизискиот канал Ал-Манар, исто така поврзан со Хезболах.
Во исто време, Израелските одбранбени сили издадоа нови наредби за евакуација на десетици локации во Либан.
Во објавата на портпаролот Авикај Адреи на Телеграм, беа споменати околу 50 места, со повик до жителите веднаш да ги напуштат своите домови за безбедност.
Специјално предупредување беше испратено до жителите на јужните бејрутски населби Гобеири и Харет Хреик, со порака дека се наоѓаат во близина на објектите и интересите на Хезболах, против кои наскоро ќе дејствува ИДФ, пренесува Танјуг.












