Британската инфлуенсерка и ТВ-ѕвезда Вики Патисон ги прогласи Обединетите Арапски Емирати за „една од најбезбедните земји во светот“, иако веќе трет ден се наоѓа во Дубаи за време на засилените безбедносни мерки поради ракетните напади во регионот.
Патисон на Инстаграм откри дека таа и нејзиниот сопруг Еркан Рамадан за време на викендот биле евакуирани во подземна гаража на хотелот со пет ѕвезди во кој престојуваат, и тоа, како што навела, од претпазливост.
Медиумското известување го нарече претерано
Во објава упатена до своите 5,5 милиони следбеници, 38-годишната ријалити-ѕвезда која е на одмор во Дубаи, го опиша медиумското известување за воздушните напади како „преувеличено“. Додаде дека во последните денови свесно се држи подалеку од социјалните мрежи поради, како што тврди, сè поголемата количина дезинформации кои, според неа, не придонесуваат за смирување на ситуацијата.
„Разбирам дека ова е многу несигурна ситуација и секој се справува со неа на свој начин, но ние се обидуваме да останеме оптимистични и прибрани, а ова нѝ изгледа како најдобар начин за тоа“, порача Патисон.

Истакна и дека не е експерт за геополитика ниту за меѓународни односи, но смета дека тврдењата дека Дубаи „се бомбардира“ се претерани. Притоа се повика на информации што, како што вели, ги добиле од властите на Обединетите Арапски Емирати, според кои проектилите биле успешно пресретнати, а последиците биле само паѓање на остатоци.
„На безбедно сме и ги следиме советите“
„Ги следиме сите совети од нашиот хотел и од надлежните официјални извори, безбедни сме и се надеваме дека наскоро ќе се вратиме дома“, напиша таа. Додаде дека пред две ноќи брзо и безбедно биле евакуирани во подземната гаража на хотелот, но дека целата ситуација, според нејзиното доживување, повеќе наликувала на мерка на претпазливост отколку на непосредна реална опасност.

Патисон ги опиша Обединетите Арапски Емирати како „една од најбезбедните земји во светот“. Нагласи дека, иако моментално се наоѓа во удобноста на луксузен хотел, не сака да придонесува за паника со ширење непроверени информации.

„Не сакам да поттикнувам растечка паника и хаос изнесувајќи нешто друго освен рационални факти, или барем она што нѝ беше кажано дека е вистина“, порача и истакна дека е свесна за сопствената привилегирана позиција. „Исклучително сме свесни за нашата привилегирана положба во оваа ситуација. Во моментов во светот има многу луѓе во далеку поопасни и потресни околности“, напиша таа.
Заклучи со порака на солидарност: „Нашите мисли и молитви, како што треба да бидат и вашите, се со сите оние што се чувствуваат немирно и несигурно додека светот, за жал, станува сè поподелен и понепријателски“.
















