Според пишувањето на српскиот „Блиц“, братот на Новак Ѓоковиќ, Ѓорѓе Ѓоковиќ и неговата сопруга Сашка биле евакуирани од својот стан во Дубаи откако ирански дрон наводно удрил во нивната зграда. Засега нема информации за повредени, а околностите на инцидентот сè уште не се детално појаснети.
Според претходни медиумски написи, парот за луксузната недвижност во Обединетите Арапски Емирати, сместена во близина на најпознатите туристички атракции, издвоил околу два милиони евра.
Преселба во Дубаи
Сашка претходно зборувала за причините за преселбата во Емиратите, како и за тоа дали планираат да се вратат во Србија. Нивниот живот го опишала како динамичен и исполнет со чести промени, нагласувајќи го својот авантуристички дух.

„Од почетокот на нашата врска па сè досега, нашата локација не е целосно одредена. Постојано сме во некакви преселби, уредување на просторот, но најважно е што чекориме во ист ритам и се согласуваме околу важните животни одлуки. Очигледно ме води тој Стрелец во хороскопот, па сум склона кон промени и го имам тој авантуристички дух, а Ѓоле избра токму таква жена за себе бидејќи и неговата природа е многу слична“, раскажала Сашка.
На нејзините зборови се надоврзал и Ѓорѓе, објаснувајќи ја тогаш нивната одлука.

„Секоја преселба носи голем предизвик и одговорност, па така и оваа. Моменталната животна фаза и деловните обврски нè одведоа во Дубаи и многу сме возбудени поради тоа. Слободно можам да кажам дека тоа е омилениот град и на Сашка и на мене. Србија е нашиот дом, секогаш ќе ѝ се враќаме“, изјавил тој.
Свадба и принова
Ѓорѓе Ѓоковиќ и инфлуенсерката Сашка се венчале во септември 2022 година.

На свадбата присуствувале само членовите на семејството и најблиските пријатели. Во март 2023 година го добиле синот Александар.











