[ФОТО] Селото во кое 120 години не е изградена ниту една нова куќа, го нарекуваат најромантичното во Европа: Неговото име звучи малку застрашувачки

Точка

02/03/2026

16:52

793

Големина на фонт

а а а

Неговото име воопшто не е шармантно и во превод значи „Долно колење“ или „Долен масакр“, но ако го занемариме тој мал детаљ и го тргнеме погледот од таблата што го означува името на местото, ќе се најдеме во некој друг свет – живописен и романтичен, а пред сè мирен. Лоуер Слотер во Обединетото Кралство е место во кое времето застанало…

Времето застанало пред 120 години

Во Лоуер Слотер стрелката на часовникот застанала пред 120 години. Имено, од тогаш па до денес таму наводно не е изграден ниту еден нов објект – сè е како што било некогаш. Мирната река и понатаму тивко тече низ местото, а нејзините брегови се зелени. Кон улиците гледаат куќи во нијанси на мед.


Лоуер Слотер се наоѓа затскриен во Котсволдс, во Глостершир, на југозападот на Англија. Важи за едно од најубавите места во тој регион, а е оддалечено само пет минути возење со автомобил или 30 минути пешачење од познатото место по име Бортон-он-да-Вотер.

Името го добил по старински збор за калливо место

Но да разјасниме, пред да продолжиме понатаму, нешто што е малку тешко да се заборави, дури и кога се гледаат прекрасните фотографии од тој агол на Обединетото Кралство. На прв поглед, името навистина буди непријатни асоцијации, но кога ќе се навлезе подлабоко станува јасно дека не потекнува од крв, туку од кал. Спорното „slaughter“ е изведено од староанглискиот збор „slough“, што во суштина значи калливо место или мочуришна област.


Лоуер Слотер навистина е заробено во времето. Неговите традиционални куќи со препознатлива боја се изградени во 16. и 17. век. Низ него тече и реката Ај, притока на реката Виндраш, а преку неа минуваат камени мостчиња. Лоуер Слотер не е место со густ сообраќај – токму спротивното. Сето тоа му дава посебен мир.

Една од најромантичните улици на островот

Неколку градби особено се истакнуваат во ова село заробено во некои минати времиња. Една од нив е Лоуер Слотер Манор, за кој велат дека е најелегантното место за ноќевање во Лоуер Слотер. Симбол на местото секако е и Олд Мил – воденицата во која некогаш се мелело брашно, а која денес е еден од најпопуларните мотиви за фотографирање таму.


Лоуер Слотер е дом и на една од најромантичните улици во Обединетото Кралство. Имено, улицата Копс Хил ја освоила таа титула во анкета на Гугл Стрит Вју во 2011 година. Една од градбите што не се заобиколува е и тамошната црква Света Марија.

Одлична дестинација за мирни прошетки

Лоуер Слотер, кој досега послужил и како филмска сцена, меѓу другото за филмот „Ема“ од 2020 година, како и неговата околина, се одлична дестинација за оние што сакаат да уживаат во мирни прошетки и прекрасни глетки. Имено, на околу километар и пол од Лоуер Слотер се наоѓа, како што велат, подеднакво шармантниот Аппер Слотер. Патеката за прошетка ја следи реката.


Аппер Слотер е посебен и по тоа што е едно од 14-те места во Англија кои ниту за време на Првата ниту за време на Втората светска војна не изгубиле ниту еден маж, се наведува на страниците на Котсволдс.