Со Оскар наградената актерка Сузан Сарандон за малку ќе заплакала додека зборувала за последиците со кои се соочува во филмската и телевизиската индустрија откако јавно повикала на прекин на огнот во Газа.
Изјавите ги дала на прес-конференција во Барселона на 27-ми февруари, во пресрет на добивањето на наградата „Гоја“ за животно дело, која ја доделува Шпанската филмска академија.
Отказ поради ставовите за Газа
Сарандон открила дека нејзината агенција ѝ ја раскинала соработката токму поради нејзините јавни настапи. „Мојата агенција ме отпушти, конкретно поради учеството на протестите и изјавите за Газа, поради барањето за прекин на огнот“, изјавила актерката.
Инаку, агенцијата УТА престанала да ја застапува во 2023 година, откако Сарандон говорела на пропалестински собир во Њујорк. Нејзините изјави тогаш предизвикаа поделени реакции во јавноста.
Ангажмани во Европа
Актерката истакнала дека последиците биле директни и долготрајни. „Ми стана невозможно да добијам ангажман дури и на телевизија. Не знам дали тоа во меѓувреме се променило. Не можев да работам на ниту еден поголем филм, ниту на што било поврзано со Холивуд“, истакнала таа.
Додала дека кариерата ја продолжила надвор од САД. „На крајот пронајдов агенти во Англија и Италија и сега работам таму. Само што снимив филм во Италија, а неколку месеци глумев во претстава во театарот „Олд Вик“, рекла Сарандон.

Таа објаснила дека сега како што рекла „се специјализирала за мали, независни филмови со режисери дебитанти“. Раскажала и дека еден италијански режисер ја ангажирал и покрај предупредувањата да не го стори тоа, нагласувајќи дека ограничувањата во нејзината работа и понатаму се актуелни.
Пофалба за Шпанија
Зборувајќи за состојбата во Америка, Сарандон ја споредила општествената клима со онаа во Шпанија, која ја пофалила поради, како што рекла, поголемата интелектуална слобода.

„Во средина каде што чувствувате репресија и цензура, да ја видите Шпанија, нејзиниот премиер, да слушнете што зборува и да ја видите поддршката што ја дава за Газа, како и да имате актери како Хавиер Бардем кои истапуваат со толку силен глас – сето тоа е од огромно значење за нас во Соединетите Американски Држави“, изјавила актерката.
Долгогодишна кариера
Сузан Сарандон во текот на кариерата остварила низа впечатливи улоги, меѓу другото во филмовите „Thelma & Louise“, „Dead Man Walking“ и „Atlantic City“. Таа е добитничка на Оскар, а освоила и седум Еми награди и десет Златни глобуси.
И покрај професионалните предизвици за кои зборувала, актерката истакнала дека не жали поради своите јавни настапи и дека и понатаму смета дека е важно да се залага за прашањата во кои верува.
















