[ФОТО] Роботи наместо негуватели: Барселона „вселила“ 600 машини во домовите на постари лица

Точка

27/02/2026

18:50

347

Големина на фонт

а а а

Градот Барселона започна пилот-програма во рамки на кој 600 роботи се распределени во приватни домови и центри за нега, со цел да обезбедат поддршка за постарите лица и да го унапредат системот на телепомош.

Проектот, вреден 3,8 милиони евра и финансиран од фондовите на Европската унија за закрепнување од Ковид-19 пандемијата е наменет првенствено за лица во раните фази на когнитивен пад, пренесе Ројтерс.

„Го развиваме овој пилот-проект со цел да ја подобриме телепомошта“, изјави градската советничка за социјални прашања Марта Виљануева Сендан.


Роботите ги произведува американската компанија „Misty Robotics“, додека во Европа ги дистрибуира каталонската фирма „Grup Salto“. Уредите, високи 1,35 метри, можат да ги потсетуваат корисниците да земаат терапија и да одат на лекарски прегледи, да воспоставуваат видеоповици со социјални работници, како и да нудат забавни содржини, игри и музички апликации. Во итни ситуации, роботот може директно да контактира со социјален работник, а камерата на уредот овозможува далечинска процена на состојбата.


Шпанија, како и другите европски земји, се соочува со стареење на населението и пад на наталитетот, што дополнително го оптоварува системот на долготрајна нега, наведоа надлежните служби.

Истражувањата покажуваат дека Шпанија до 2030 година ќе мора да го удвои бројот на вработени во секторот за долготрајна нега.


Градот Барселона наведува дека во наредната фаза роботите би можеле да детектираат ризични ситуации, како што е пад на корисник, и автоматски да ги известат надлежните служби.