Чарли од Манчестер целосно го променила својот живот кога нејзиниот сопруг добил работа во Лас Вегас, но американскиот сон дошол со правила што не ги очекувала.
Откако се преселила, разликите меѓу двата града станале повеќе од очигледни, а на својот профил на ТикТок откри дека не е сè само во сонцето.
Чарли на ТикТок ја покажа својата населба во Лас Вегас, каде што секоја куќа е самостојна, а улиците се обрабени со палми. Во вирално видео објасни колку животот се разликува од оној на кој била навикната во Англија.
„Може ли некој да ми објасни зошто морам да пешачам по целата улица за да ја подигнам поштата“, праша таа, покажувајќи го заедничкото поштенско сандаче за целата улица. Имено, наместо писмата да се доставуваат во сандаче на вратата од секоја куќа, сите куќи имаат свој преграден дел со клуч во рамки на заедничкото сандаче.
Нејзиниот дом се наоѓа во населба со која управува Здружение на сопственици на недвижности (HOA), што значи дека постојат строги правила што секој станар мора да ги почитува, во спротивно ризикува високи казни.
„Сите тревници се уредни, нема плевел, мора да имате точно одреден број растенија, дрвјата не смеат да бидат суви, а ако правилата не се почитуваат, следува казна“, објасни таа. „Но, тоа истовремено значи дека целата улица секогаш изгледа многу убаво“, додаде.
Според правилата на HOA, на станарите не им е дозволено да паркираат на улица преку ноќ, а истото важи и за гостите. „Ако го направите тоа, пајак може да ви го однесе автомобилот“, рече Чарли. Сепак, ги истакна и предностите – улицата е беспрекорно чиста и облеана во сонце, а кога горештините ќе станат неподносливи, жителите можат да се разладат во заедничкиот надворешен базен. „Имаме базен и хидромасажна када што можат да ги користат сите што живеат тука“, изјави таа.
Поделени реакции
Откако покажа каде живее, реакциите за строгите правила беа поделени. Еден корисник коментираше: „Некои правила се многу строги, но затворена населба звучи неверојатно кога алтернативата е целосно непознати луѓе слободно да поминуваат покрај децата и имотот, којзнае со какви намери“.
„Затоа животот во Америка е многу подобар отколку во Англија“, порача друг. Но, не сите беа убедени, дури и ако на прв поглед сè изгледало уредно. „Значи, во суштина порелаксиран затвор“, напиша една личност, додека друга населбата ја опиша како „затвор на отворено, само со повеќе сонце“.
Некој додаде: „На површината изгледа одлично, но под сè постои многу непријатно, морничаво чувство“. А кога некој ја праша Чарли зошто улиците се толку празни, таа кратко одговори: „На работа се, за да можат да си ја дозволат членарината во Здружението на сопственици на недвижности“.











