Борусија Дортмунд го заврши настапот за оваа сезона во Лигата на шампионите и тоа откако доживеа неочекуван потоп во Бергамо во соочувањето со Аталанта.
Бундеслигашот беше сигурен пред своите гледачи минатата седмица и забележа триумф од 2-0 и впечатокот беше дека е во одлична позиција да се пласира во осминафиналето, но целосно потфрли во реваншот и му дозволи на противникот уште во првиот дел да ја „избрише“ негативата за да во второто полувреме по една драма која кулминираше со пенал во судиското продолжение доживее нокаут.
Германците се разочарани, ама се реални и признаваат дека не заслужиле да одат во наредната фаза.
- Кога ќе примите четири гола во Лигата на шампионите, тешко е да одите понатаму. Кога примивме голови, едноставно не бевме на ниво. Во ова натпреварување, ваквите грешки се казнуваат. Многу сме разочарани. По добар домашен натпревар, не можеме да изгубиме ваков натпревар, дури и да знаевме дека ќе биде тешко. Ние сме тим од Бундеслигата и мора да знаеме како да се справиме со тоа. Заслуживме да испаднеме, не бевме доволно добри за да поминеме понатаму, - порача Ковач, заклучок со кој се согласува и искусниот Емре Џан.
- Не сакам никого да обвинувам, но кога правиш толку многу индивидуални грешки, тешко е да продолжиш понатаму. Имавме свои шанси во второто полувреме, но искрено, заслуживме да испаднеме. Боли, но сите сме заедно во ова, - порача капитенот.








