[ФОТО] Цвеќе во помен на Борис Трајковски – 22 години од авионската несреќа

Макфакс

26/02/2026

13:13

914

Големина на фонт

а а а

Делегација предводена од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, членови на политички партии, семејството денес оддадоа почит во помен на трагично загубените животи во авионската несреќа пред 22 година, кога загина тогашниот македонски претседател, Борис Трајковски.

„Борис Трајковски останува запаметен како претседател во време на тешки државни предизвици, човек кој со смиреност и одговорност ја водеше Македонија низ период на сериозни искушенија. Неговото делување беше насочено кон зачувување на мирот, стабилноста и меѓународниот углед на државата. Неговата политика на дијалог и единство претставува потсетник дека државничката зрелост, храброста и чувството за одговорност се темел на секоја стабилна и суверена држава. Денес, повеќе од две децении подоцна, останува обврската да се чува државата, да се гради единство и да се продолжи патот на стабилност и напредок“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.


Цвеќе положи и скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски.

„Пред 22 години, на овој ден, Македонија ја почувствува една од најтешките загуби во својата понова историја. Трагичната вест за падот на авионот со кој кон Мостар патуваше претседателот Борис Трајковски ја зави државата во тага. Заедно со него, животот го загубија и осуммина членови на делегацијата, луѓе посветени на службата кон татковината. Борис Трајковски беше повеќе од државник. Тој беше симбол на смиреност во тешки времиња, глас на разумот и човек што искрено веруваше во силата на единството. Со достоинство ја носеше функцијата претседател, но уште поголемо достоинство носеше во својата човечност. Веруваше во Македонија. Во нејзината иднина, во нејзините луѓе, во можноста да бидеме подобри и посилни заедно. Неговата визија за стабилна, демократска и европска држава останува патоказ и денес. Со почит и благодарност се сеќаваме на неговото дело и на неговата жртва“, порача Ѓоргиевски.



И партиска делегација на СДСМ, заменик претседателката Фани Каранфилова Пановска, членовите на Извршниот одбор, Рената Младеновска и Александар Наумоски, денеска оддадоа почит во Алејата на великаните во Скопје.

„Трајковски беше проевропски претседател, државник кој посветено работеше за мир, соживот, за напредок и европска перспектива на нашата држава. Неговата политика беше политика на дијалог, на приближување, на отворање перспективи дома и надвор. Веруваше дека Македонија може и мора да биде дел од европското семејство, но пред сè стабилна и обединета држава во која различностите се богатство, а не поделба. Политиките на претседателот Борис Трајковски нè потсетуваат дека храброста, мудроста и одговорноста кон граѓаните се пример за лидерството“, велат од СДСМ.


Авионската несреќа се случи на 26 февруари 2004 година кај Мостар. Во несреќата загинаа и Димка Илкова – Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Лозановска – советници во Кабинетот на претседателот, Миле Крстевски, вработен во МНР, Борис Велинов, Аце Велиновски – обезбедување, Марко Марковски и Бранко Ивановски – пилоти на авионот.

Последниот извештај за авионската несреќа од меѓународниот истражен тим покажа дека причините за падот на „кингерот“ се седум системски грешки на пилотите. Авионот се спуштил под минимално дозволена висина, временските услови биле неповолни, а пилотите не ја почитувале стандардната процедура, да слетаат на друг аеродром. Тие решиле да продолжат со слетување. Беше посочено и дека авионот не бил одржуван соодветно.