Левица: Фирма од Косово осудена за криминал со токсичен мазут ќе го снабдува РЕК Битола

Макфакс

26/02/2026

14:28

162

Големина на фонт

а а а

Додека граѓаните плаќаат се повисоки сметки за струја и државната ЕСМ тоне во долгови, скандалозното менаџирање со ова енергетско претпријатие под раководство на Лазо Узунчев продолжува, обвинија од Левица.

„Најновиот тендер на ЕСМ за увоз на јаглен – во вредност од 7 милиони евра – го доби контроверзна фирма од Косово со криминално минато. Имено, директорот на ЕСМ, Лазо Узунчев, склучи договор за јавна набавка со компанијата „ХИБ Петрол Груп”, чиј сопственик во 2014 година бил правосилно осуден на четири години затвор и парична казна, затоа што испорачувал мазут со околу 80% повисоко ниво на сулфур од дозволеното, што е енормно штетно за здравјето на луѓето и животната средина. Компанија која е осудена за тешки дела против здравјето на луѓето (со продажба на токсичен мазут) сега ќе треба да обезбеди 150.000 тони јаглен за РЕК Битола! Делењето тендери на фирми со криминално минато стана пракса откако ЕСМ е раководено од директорот Лазо Узунчев, кој без никаква експертиза и искуство во енергетскиот сектор беше поставен да го води ова значајно државно претпријатие – само заради личните односи со Мицкоски. Левица и претходно алармираше дека ЕСМ дели тендери на фирми кои се под истрага за криминал, како што беше договорот за јавна набавка со компанијата „Руд Коп”, која е под истрага за криминал од 3 милиони евра“, велат од партијата.

Тие додаваат дека ваквото расипничко менаџирање го зголемува долгот на ЕСМ, од што, како што велат, најмногу зависи цената на струјата која ја плаќаат домаќинствата и малите потрошувачи – а резултатот е македонските граѓани да плаќаат најскапи сметки за струја во регионот.

„Додека поранешниот директор на ЕСМ – Васко Ковачевски е во бегство токму поради криминални зделки при набавки на мазут, криминалот во ЕСМ продолжува и со кадрите поставени од Мицкоски. Левица апелира финансиската полиција сериозно да ги истражи договорите за јавни набавки и финансиските резултати кои ги остварува ова државно претпријатие кое тоне во долгови, додека дели тендери на компании осудени за криминал“, се наведува во соопштението.