Сцената која ја креираа Киву и тренерот на Бодо по крајот на мечот стана вирална, Норвежанецот откри за што станувало збор

Дерби

25/02/2026

14:20

396

Големина на фонт

а а а

Бодо/Глимт направи историска сензација и се пласираше во осминафиналето во Лигата на шампионите, успех кој е историски за малиот клуб од Бодо, но и за Норвешка како земја.

Градот со вкупно 50 илјади жители доживува незаборавни моменти и буквално цела Норвешка е на нозе по огромниот подвиг на Бодо, а во целата симпатична приказна се вклучи и Кристијан Киву.

Тренерот на Интер имаше само пофалби за ривалот и искажа огромен респект по вкупниот пораз од 5:2, а мора да се каже дека беше максимално срдечен и по последниот судиски свиреж на „Сан Сиро“.

Додека играчите на Бодо се радуваа на историскиот триумф, камерата ги улови Кристијан Киву и Кјетил Кнутсен како џентлменски разговараат крај аут линијата, по што тренерот на гостинскиот тим откри за што станувало збор.

– Киву е фантастичен човек, фантастична личност. По крајот на натпреварот зборувавме за нашите тимови, за работата која ја вршиме и некои други фудбалски елементи, – откри Кнутсен, кој во продолжение нагласи дека овој историски успех на Бодо треба да послужи како пример за други помали тимови од Европа.

– Навистина сум исклучително горд на овој успех. Ние сме мал тим од мал град. Мислам дека испративме многу силна порака. Ако можеме ние, тогаш може секој во светот. За мене тоа е најубавата порака од оваа приказна, – изјави Кнутсен.