Од ѕидар до клучен поддржувач на Трамп во Гренланд: Кој е Јорген Боасен?

Точка

24/02/2026

19:40

507

Големина на фонт

а а а

Минатиот викенд американскиот претседател Доналд Трамп изненадно објави дека ќе испрати болнички брод во Гренланд за да „згрижи многу болни луѓе за кои никој не се грижи“.

Подоцна се покажа дека наративот за недоволна здравствена заштита го поттикнал Јорген Боасен, водечки гренландски поддржувач на американска анексија.

Боасен во последната година неколкупати патувал во САД. Пред две недели се сретнал со специјалниот пратеник на Трамп за Гренланд, гувернерот на Луизијана, Џеф Лендри.

Како што изјавил за данската јавна радио-телевизија „ДР“, учествувал во „културна размена меѓу Гренланд и САД“. Патувањето, се разбира, го платиле Американците.

„Луѓе умираат и стануваат инвалиди“

„Разговаравме за здравствениот систем на Гренланд, му реков на Џеф дека состојбата е неподнослива, дека луѓе умираат и стануваат инвалиди. Му објаснив дека во многу аспекти сме земја во развој. Не го спомнав директно болничкиот брод“, изјавил 51-годишниот Боасен.

Веста за испраќањето американски болнички брод, која се покажа како лажна, беше пречекана со скептицизам во политичките кругови во Гренланд и Данска. Во неделата гренландскиот премиер Јенс-Фредерик Нилсен изјавил дека здравствениот систем на најголемиот остров во светот функционира добро и дека нема потреба од американска интервенција: „Имаме јавен здравствен систем во кој лекувањето е бесплатно за граѓаните“, истакнал тој.

Гувернерот Лендри одговорил дека Нилсен треба да се срами од своите изјави: „По разговорите со многу Гренланѓани за нивните секојдневни проблеми, здравствениот систем се издвојува како проблем. Американската посветеност на одбраната на Гренланд мора да започне со обезбедување на здравјето на неговите жители“, рекол Лендри.

Меѓутоа, се чини дека зад „многуте Гренланѓани“ всушност стои само Боасен, ѕидар по професија, кој од крајот на 2024 година е во постојан контакт со различни американски функционери и бизнисмени. Наводно, со движењето МАГА случајно се поврзал за време на еден престој во Вашингтон.

„Само САД навистина можат да нè заштитат“

На глобалната јавност ѝ стана попознат кон крајот на јануари 2025 година, кога на Гренланд го угостил синот на претседателот, Доналд Трамп Помладиот. Боасен успеал да собере петнаесетина луѓе, меѓу кои и бездомници во Нук, на кои Трамп Помладиот им поделил МАГА капи и им платил ручек. Во американската делегација бил и Чарли Кирк, конзервативен активист кој во септември беше убиен во атентат во Јута.


„Само САД навистина можат да нè заштитат. Затоа треба да бараме пријателство со најмоќната нација во светот. Се наоѓаме во американскиот двор. Освен тоа, Данска нема воени ресурси потребни за одржување на безбедноста на Гренланд“, изјавил Боасен во јануари за норвешкиот дневен весник „Verdens Gang“.


Во меѓувреме, ѕидарскиот бизнис на Боасен банкротирал и сега тој се претставува како консултант за компании и организации што сакаат да се етаблираат на Гренланд. Данските медиуми шпекулираат дека неговите услуги ги плаќаат американски невладини организации блиски до движењето МАГА. За возврат, врз основа на неговите јавни настапи може да се шири наратив дека на Гренланд постои поддршка за американска анексија.

„Партнерката ме остави, доби отказ поради мене“

„Околу 55 отсто од Гренланѓаните имаат позитивно мислење за Доналд Трамп. Освен данската елита во главниот град Нук, луѓето се пријателски настроени кон САД“, рекол Боасен за „Verdens Gang“, иако не постојат анкети што би го потврдиле тоа.

Боасен тврди дека политичкиот ангажман скапо го чинел и на личен план: „Партнерката ме остави откако поради мене доби отказ од работа. Добив повеќе смртни закани, а минатата година доживеав физички напад во еден бар во Нук. Но, јас не се откажувам“, нагласил тој.


Приказната за американскиот болнички брод ја поттикнала гренландската пратеничка во данскиот парламент, Аја Чемниц, на Фејсбук да ја обвини гренландската опозиција дека „разговара со луѓе од движењето МАГА и работи на уништување на демократијата“.

Меѓутоа, единствената партија во гренландската опозиција, националистичката Налерак, негира дека има каква било врска со Боасен.


„Данска го анектираше Гренланд во 1953 година“

Неговите критики на социјалните мрежи подеднакво се насочени кон данските и гренландските власти:

„Данска ја анектираше нашата земја во 1953 година и нè принуди да бидеме дански државјани. Ние тоа го нарекуваме колонијализам! Малцинство управува со Гренланд со помош на данскиот капитал и данската влада, а во последно време и со помош на слугинската гренландска влада. Данска изврши геноцид и сè уште им ги одзема гренландските деца на нивните родители. Гренланѓаните во Данска се изложени на расизам и изолација поради своите гренландски имиња или изглед. Нашите млади не се чувствуваат добредојдени во Данска и не се осмелуваат да заминат таму на школување“, напишал Боасен на Фејсбук, додавајќи дека меѓу двете страни попрво ја избира Америка.