Зголемувањето на минималната плата на 600 евра не е никаков каприц, туку барање за социјална нормалност, а без оваа законска интервенција, оваа нормалност може да биде само политичка привилегија.
Кога велиме 600 евра минимална плата, ние не велиме државата да продолжи да биде пасивен набљудувач и работите во економијата да се движат по инерција. Бараме платата да се зголеми, а Владата да си ја преземе одговорноста, рече пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, на денешната комисиска расправа во Собранието за предлог-законот за зголемување на минималната плата.
Битиќи остро ја критикуваше Владата за продлабочувањето на сиромаштијата, слабата контрола врз цените и отсуството на вистински социјален дијалог околу минималната плата од 600 евра. Тој предупреди дека растот на трошоците директно ја нагризува куповната моќ на граѓаните.
„Оваа динамика ни кажува едноставно дека куповната моќ се јаде одвнатре, односно постои изразена тенденција сиромаштијата системски да е толерирана. Во овие услови, Владата нема право да зборува за одржливост кога се отвора темата за плати, а да молчи за сопствените институционални потфрлања што директно ја гушат економијата“, појасни Битиќи.
Тој посочи дека наместо да преземе одговорност, Владата го префрла товарот врз работниците и синдикатите.
„Се соочуваме со последователно множество на институционални слабости што го креваат стопанството на колена, а потоа Владата им држи лекција на работниците и фирмите да се договорат, праќајќи порака дека од нејзината страна нема простор за достоинствени плати.“, рече пратеникот на СДСМ.
Во однос на социјалниот дијалог, Битиќи беше дециден:
„Трошоците на живот растат, синдикатите бараат решение, а одговорот што го добиваат е одложување, игнорирање и политичка острина кон барањата на работниците. Во таква клима, социјалниот дијалог не се одржува, туку се задушува. 600 евра минимална плата е линија под која државата не смее да се повлече. Цените и трошоците веќе покажаа дека сегашните политики на Владата произведуваат работничка сиромаштија. Да не го оставаме работникот сам да се бори со инфлацијата и слабата контрола на државата. Достоинството не се одложува, туку мора да се гарантира.“, заклучи Фатмир Битиќи.












