ВМРО-ДПМНЕ предлага да се намалат платите на функционерите до 13.000 денари

Нетпрес

24/02/2026

15:14

506

Големина на фонт

а а а

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија поднесе пакет предлог-измени на шест закони со кои се регулираат платите на избраните и именуваните лица, со цел, како што велат, да се обезбеди поправична распределба на буџетските средства и усогласување со економските услови во државата.

Пратеникот Бојан Стојаноски изјави дека основната цел е воспоставување поправична распределба на јавните средства.

„Со предложените решенија се врши интервенција во висината на коефициентите со што се обезбедува рационално користење на средствата од Буџетот“, посочи тој.


Според него, законското решение е уставно издржано.

„Ова законско решение е целосно во согласност со Уставот и јасно ги дефинира коефициентите за пресметка на платите, почитувајќи ги начелата за поделба на власта и социјална праведност“, нагласи Стојаноски.

Со измените се предвидува намалување на платите на јавните функционери – пратеници, министри, судии, јавни обвинители и членови на судските и обвинителските совети – во просек од 10.000 до 13.000 денари, а кај дел од позициите и повеќе. Предвидена е и нова скала за платите на градоначалниците, зависно од бројот на жители во општините.

Стојаноски истакна дека мерката не е симболична, туку суштинска.


„Ова не е само гест, туку суштинска промена со која се воспоставуваат реални висини на плати“, рече тој, додавајќи дека заштедените средства ќе се пренаменат за здравство, образование и социјална поддршка.

Предлог-законите се поднесени по скратена постапка, а предлагачите очекуваат широка поддршка и нивно усвојување во најбрз можен рок.