Не е добро ако инфекцијата често се враќа. Доколку воспалението се повторува најмалку трипати годишно, се смета за хронична болест.
Уринарните инфекции се меѓу најчестите и почесто ги погодуваат жените. За среќа, во повеќето случаи се безопасни, но доколку не се лекуваат, можат да доведат и до компликации. Поблаги симптоми се јавуваат кај воспаление на мочниот меур, односно циститис, додека камен во бубрегот исто така може да предизвика компликации. Важно е да се нагласи дека уринарните инфекции во голем број се јавуваат кај постари жени и во период на менопауза. Најчест причинител на овие инфекции е бактеријата ешерихија коли.
Инфекциите предизвикани од воспаление на мочниот меур не се опасни и често по одредено време поминуваат сами. Доколку инфекцијата се препознае навреме и се лекува со соодветни антибиотици, обично трае од три до седум дена. Овие инфекции се откриваат со лабораториски анализи на урината, со цел да се утврди точно која бактерија ја предизвикува инфекцијата.
Кога станува збор за комплицирани воспаленија, тие се придружени со треска и висока температура, може да бидат предизвикани од песок или камен во бубрегот, а лекувањето може да трае и неколку недели.
Доколку воспалението на мочниот меур се повторува најмалку трипати годишно, се смета за хронична болест.

Симптоми
Инфекциите на уринарниот тракт најчесто се манифестираат со:
• Силен нагон за мокрење кој не исчезнува ни по празнењето на мочниот меур
• Чувство на печење при мокрење
• Често мокрење, најчесто во мали количини
• Заматена урина
• Крв во урината
• Урина со силен мирис
• Болка во гениталната регија или долниот дел од стомакот

Како настанува инфекцијата
Уринарната инфекција најчесто се јавува кога бактерии од областа околу анусот или гениталната регија ќе навлезат во уринарниот систем. Тие можат да се населат во кој било дел од уринарниот систем, вклучувајќи ги бубрезите, мочниот меур и уринарните канали. Инфекцијата може да настане од различни причини:
• Поради лоша хигиена и неправилно бришење по вршење нужда (од назад кон напред), бактериите од аналната регија можат да се пренесат во уретрата
• Сексуалниот однос е исто така еден од начините преку кои бактериите навлегуваат во уринарниот систем
• Одложување на одење во тоалет и долго задржување на урината во мочниот меур создава поволни услови за развој на бактерии
• Употребата на катетер го зголемува ризикот од внесување бактерии во уринарниот систем, особено ако се користи подолг временски период
• Кај мажите, заболувањата на простатата можат да го отежнат целосното празнење на мочниот меур, што го зголемува ризикот од инфекции
• Ослабен имунитет, како кај лица со дијабетес, исто така ја зголемува веројатноста за појава на уринарни инфекции

Превенција
Превенцијата на уринарните инфекции може да се постигне со:
• Внес на доволна количина течности, како вода и незасладени чаеви (два до три литри дневно)
• Консумирање сок, чај и плод од брусница, кои спречуваат прицврстување на бактеријата ешерихија коли на слузницата на уринарните канали
• Редовно одржување на хигиена на интимната регија
• Избегнување иритирачки средства за интимна хигиена
• Правилно бришење по вршење нужда, за да се спречи пренос на микроорганизми кон уринарниот канал
• Носење памучна долна облека
• Употреба на заштита (кондом) при сексуален однос
• Празнење на мочниот меур пред и по сексуален однос










