Жителите на една од најлуксузните населби во Мумбај поднесоа барање до властите, десетина дена по неговото отворање, да се затвори автопатот кој пушта музика кога возилата се движат со помала брзина, наведувајќи дека постојаното свирење на мелодијата им го претворило секојдневието во кошмар, пренесува „Guardian“.
Дел од крајбрежниот автопат во Мумбај, долг 500 метри, кој беше отворен на 11 февруари, е проектиран така што пушта пулсирачка мелодија од филмот „Милионер од калта“ кога возилата се движат со пониска брзина, а официјалните лица соопштија дека тоа е наменето за поттикнување побезбедно возење.
Тоа е првиот „музички пат“ отворен во Индија.
Повеќето музички патишта ширум светот се изградени во помалку населени подрачја, но патот во Мумбај минува покрај Бриџ Кенди, каде што живеат богати индустријалци, боливудски ѕвезди и други познати личности.
Жителите на оваа населба велат дека рефренот на песната од филмот, на хинди „Нека биде победа“, од „Милионер од калта“, се свири повеќепати од 6 часот наутро до полноќ. Повеќе од 650 семејства потпишале официјална жалба во која ги повикуваат властите да ја запрат музиката, за која велат дека претставува постојана „наметлива позадинска бучава“ што предизвикала значителна вознемиреност.
Во жалбата се наведува дека мелодијата „влегува во домовите“, поради што многу домаќинства ги држат прозорците затворени.
Кога музичкиот пат беше отворен во Мумбај, финансискиот центар на Индија, градските власти го претставија проектот како спој на инженерство и забава, но и како безбедносна мерка.
Инженерите врежале жлебови во асфалтот кои функционираат како огромна винил-плоча, а кога возилата минуваат преку нив со брзина меѓу 70 и 80 километри на час, вибрациите создаваат мелодија што ја компонирал индискиот музичар А. Р. Рахман, пренесува „Tanjug“.
Доколку возачите возат пребрзо, вибрациите стануваат непријатни, што ги мотивира да забават, а сообраќајните знаци ги предупредуваат пред музичкиот дел, наведувајќи ја брзината потребна за да се слушне мелодијата.
Јапонија беше пионер во концептот на музички пат, кој во таа земја беше отворен во 2007 година, а оттогаш вакви патишта се појавија во повеќе земји, меѓу кои Унгарија, Јужна Кореја, Обединетите Арапски Емирати и САД.













