Хуманоидните роботи го украдоа шоуто на голема телевизиска гала-вечер во Кина, каде четири домашни компании – „Јунитри Роботикс“, „Галбот“, „Нетикс“ и „МеџикЛаб“ – покажаа до каде стигнала современата роботика.
Публиката особено беше воодушевена од настапот на роботите на компанијата „Јунитри“. Повеќе од десет хуманоиди изведоа боречка кореографија со мечеви, стапови и нунчаки, и тоа во непосредна близина на деца-изведувачи.
Во една од сцените ги имитираа движењата на „пијаниот бокс“, намерно паѓаа, а потоа самостојно се креваа, што покажа колку напредувале во одржување рамнотежа и координација.
Роботите на компанијата „Нетикс“ настапија во комичен скеч заедно со актери, додека хуманоидите на „МеџикЛаб“ танцуваа синхронизирано со човечки изведувачи на песната „We Are Made in China“. Сличен спектакл беше виден и минатата година, кога 16 роботи на „Јунитри“ танцуваа во совршен склад со луѓе.
Зад сè стојат сериозна работа и посветеност
Зад атрактивните сцени се крие сериозна технологија. За време на настапот бил користен систем што овозможува десетици роботи истовремено прецизно да се контролираат и усогласуваат во реално време. Тоа значи дека истите системи можат да се применуваат во фабрики, магацини или на монтажни линии.
Роботите покажаа и дека можат да задржат предмети дури и кога човек ги турка или повлекува, како и дека прескокнуваат пречки и брзо го приспособуваат чекорот. Таквите способности би можеле да бидат корисни во индустријата, но и во секојдневните задачи.
Според податоците на истражувачката куќа „Omdia“, Кина минатата година испорачала дури 90 проценти од вкупно околу 13.000 хуманоидни роботи во светот. Проценките се дека продажбата оваа година би можела дополнително да порасне.
Овој гала-настап затоа не беше само забава, туку и демонстрација на технолошка моќ. Роботите што денес танцуваат и изведуваат боречки вештини утре би можеле да работат во фабрики, магацини – а можеби еден ден и во нашите домови.
















