Акробатскиот Red Bull пилот Dario Costa испиша ново поглавје во историјата на авиацијата кога со својот авион успешно слета на товарен воз во движење, а потоа повторно полета од истиот контејнер.
Италијанскиот пилот изведе „слепо“ слетување на траса долга 2,5 километри, во услови на силна турбуленција и променлива брзина на воздухот, со само неколку центиметри простор за грешка и само 50 секунди за контакт и повторно полетување.
Dario за овој неверојатен подвиг изјави:
„Train Landing беше еден од најпредизвикувачките проекти во мојата кариера. Имаше многу варијабили што мораше да се пресметаат, но најголемиот тест беше да се научи како да се слета ‘слепо’ на многу мала подвижна писта, потпирајќи се исклучиво на когнитивните и летачките вештини. И покрај комплексноста, ова беше неверојатно искуство. За првпат авион успешно оствари интеракција со воз во движење, поврзувајќи ја најстарата форма на моторизиран транспорт со најсовремената. Проектот бараше прецизност, тимска работа и доверба и горд сум што го реализиравме според планираното.“
За да ја усогласи брзината со возот, кој се движеше со максимална оперативна брзина од 120 км/ч, брзината на авионот беше намалена на речиси минимална управлива брзина од 87 км/ч. Прецизното изедначување на брзините беше клучен предуслов за изведување на маневрот, а Costa го усогласи својот Zivko Edge 540 со деветтиот и последен контејнер од товарниот воз.
Проектот насловен Train Landing, следува по повеќемесечни инженерски анализи, симулации, подготовки за во воздух и строги безбедносни протоколи. Самиот подвиг бара синхронизирано усогласување на брзина, аеродинамичка контрола, когнитивна подготовка и тајминг со милиметарска прецизност.

За време на слетувањето, возот создаваше значителна турбуленција и нестабилен проток на воздух над контејнерот. Ова доведе до намалување на брзината на воздухот над површината за дополнителни 33 км/ч, што дополнително ја зголеми комплексноста на подвигот и бараше постојани корекции за одржување на надолжната и страничната контрола.
Движејќи се од југоисток кон северозапад, авионот прецизно ја синхронизираше својата насока и брзина со движењето на возот. Дури и минимално отстапување од неколку центиметри можеше да резултира со надолжно или странично излегување од тесната површина на контејнерот.

Поради дизајнот и аголот на авионот, како и димензиите на возот, платформата беше надвор од видното поле на пилотот за време на целиот пристап. Dario се потпре исклучиво на својата когнитивна подготовка и искуство за да ја постигне потребната усогласеност.
Пред премиерата на подвигот беа спроведени обемни аеродинамички студии за прецизно да се проценат турбуленцијата и намалувањето на брзината на воздухот предизвикани од движењето на возот. Исто така, беше спроведено тридневно тестирање на подвижна платформа во Пула, Хрватска, во соработка со Rimac Automobili, каде целосно електричниот Nevera R беше во улогата на референтна подвижна платформа за дополнително усовршување на усогласувањето и реакцискиот тајминг.

Costa за ова слетување имаше специјализирана когнитивна подготовка во Red Bull Athlete Performance Centre во Thalgau, вклучувајќи тренинг за „time–movement–anticipation“, клучен фактор за успешно изведување на „слепото“ слетување.
По ‘Tunnel Pass’ - светскиот подвиг што Dario го реализираше во 2021 година во Турција, кога прелета низ два автопатски тунели во близина на Истанбул, италијанскиот пилот повторно се враќа во земјата со цел да ја истражи изводливоста на нов воздухопловен концепт. За време на таа посета, во североисточниот дел на Турција, наидува на носталгичен патнички воз, што го поттикнува да размислува за неконвенционални решенија за слетување, надвор од статични и традиционални средини.

По детални анализи и теренски истражувања, Afyonkarahisar беше идентификуван како оптимална локација поради железничката инфраструктура, оперативните услови и географските карактеристики, што овозможија проектот да се реализира во контролирана и безбедна средина.
Слетувањето и полетувањето од воз во движење претставува значаен чекор во применетата аеродинамика и пилотските вештини. Реализацијата при целосна оперативна брзина на возот и при минимална брзина на авионот покажува како подготовката базирана на податоци и прецизното управување можат да ги прошират границите на контролираниот лет во неконвенционални услови.













