Швеѓанката Мари Густавсон (50), и покрај прогнозите на лекарите, осум месеци по ин витро оплодување роди тројки – синот Чарли и ќерките Лорин и Лара.
Мари и нејзиниот сопруг веќе имале четворица синови, Себастијан (31), Јеспер (19), Лео (8) и Луи (3), кога решиле да се обидат уште еднаш.
Со оглед на возраста, не очекувале брз успех, па во текот на процедурата биле пренесени три ембриони за да се зголемат шансите. Иако лекарите ги предупредувале на ризиците и советувале редукција, Мари решила да му верува на својот инстинкт. На крајот, се прифатиле сите три ембриони.

Процедурата ја извршиле на Кипар и платиле околу пет илјади и петстотини евра, а позитивен тест добиле само три дена по трансферот. Бременоста била предизвикувачка – како што вели, стомакот ѝ бил толку затегнат што речиси и не ги чувствувала движењата на бебињата.
Тројките биле родени со итен царски рез, што била единствената разлика во однос на претходните породувања што ги имала по природен пат. Момчето тежело 1,5 килограми, едно девојче 1,3 килограми, а другото само еден килограм.

Веста за тројките ја криеле од семејството и пријателите сè до раѓањето, бидејќи не биле сигурни како ќе заврши бременоста. Подоцнежните реакции биле поделени – од воодушевување до загриженост. И самата Мари признава дека на почеток имала стравови како ќе се снајде со седум деца, но со помош на дадилка и добра организација, семејството денес функционира.
Интересно е што тврди дека мајчинството на 50 години ѝ е полесно отколку кога била тинејџерка. Сега има повеќе искуство, трпение и самодоверба. Вели дека се грижи за здравјето и дека, благодарение на децата, се чувствува помлада од кога било.

Нејзината порака е едноставна: годините не се пречка, а ни лошите прогнози не мора да бидат конечни. Зашто дури и од пет проценти шанса може да се роди – тројно чудо.











