Желките од Голем град стигнаа до „Њујорк Тајмс“: На 1 женка има 19 мажјаци, нивната сексуална агресија ги тера женките да паѓаат од карпи

Точка

17/02/2026

17:20

714

Големина на фонт

а а а

Желките од Голем Град деновиве се најдоа во фокусот на светската јавност откако американскиот весник „Њујорк Тајмс“ објави репортажа за нивната загрижувачка состојба.

Во текстот се посочува дека популацијата на островот во Преспанското Езеро се соочува со сериозна демографска криза.

На островот живеат околу 1.000 ридски желки, но и покрај бројноста, нивниот опстанок е доведен во прашање поради екстремниот полов дисбаланс. На секоја возрасна женка на островот има дури 19 мажјаци. Истражувањето на херпетологот д-р Драган Арсовски покажува дека ваквиот сооднос создава постојан притисок врз женките, што предизвикува стрес, повреди и пократок животен век.


Научниот труд, објавен во списанието „Ecology Letters“, укажува дека дури и изолиран екосистем без очигледни надворешни закани – како загадување или уништување на живеалишта – може да западне во сериозна криза поради внатрешна демографска нерамнотежа.

Еден од клучните проблеми е изразената сексуална агресивност кај мажјаците. Тие постојано ги прогонуваат и вознемируваат женките, што доведува до нивна исцрпеност и чести физички повреди. Забележани се и обиди за парење меѓу мажјаци, што дополнително укажува на недостиг од женки и нарушена социјална структура во популацијата.

Особено загрижувачки е фактот што дел од женките, обидувајќи се да избегаат од постојаниот притисок, се повлекуваат кон стрмните карпи на островот и паѓаат во провалија. Според направените научни проекции, ако трендот продолжи, можно е последната женка на Голем Град да исчезне до 2083 година.


Причините за ваквиот дисбаланс сè уште не се целосно разјаснети. Една од претпоставките е дека во минатото желките биле донесени од луѓе во нееднаков полов сооднос, што со текот на времето ја продлабочило нерамнотежата. Како можен показател за нивното потекло се наведуваат и врежаните бројки на долниот дел од оклопот кај најстарите мажјаци, но засега нема конечна потврда.

Со години Голем Град претставува природна лабораторија за долгорочни теренски истражувања на влекачи. Научниците применуваат метод на континуирано означување и повторно фаќање на единки, што овозможува прецизно следење на демографските параметри. Според нив, решението за стабилизација на популацијата е јасно – заштита на женките и зголемување на нивната стапка на преживување.