Неверојатна и малку комична приказна доаѓа од Италија, поточно од околината на Порто Чезарео во округот Лече.
Неименуван 57-годишен маж го фрлил ѓубрето, а заедно со него и кутија со богатство во вредност од 120.000 евра – по грешка, се разбира.
Мажот со години собирал пари и купувал златни прачки. Стигнал до 20-те прачки што ги чувал во метална кутија, не претпоставувајќи каква драма ќе доживее.
Необјаснива грешка довела до тоа богатството да заврши во контејнер, а човекот открил дури еден ден подоцна!
Кога сфатил што направил, побрзал кон местото каде што го оставил ѓубрето, но контејнерот бил празен. Сфаќајќи ја сериозноста на ситуацијата, отишол во полиција и го пријавил „проблемот“, пренесува „Фан пејџ“.
По првичните проверки, карабинерите ги прегледале снимките од надзорните камери. На тој начин била потврдена приказната за 57-годишниот маж. Истовремено, била откриена и маршрутата на камионот што собирал ѓубрето и го транспортирал до локалната депонија.
Полицајците и работниците на депонијата го пребарале делот со „најновите“ вреќи полни со ѓубре и, и покрај непријатностите од задачата, ја пронашле кутијата со златни прачки. Со помош на вработените во депонијата, започнала детална повеќечасовна потрага меѓу илјадници вреќи за ѓубре. Работниците ја опишале задачата како „исклучително сложена“.
Златните прачки му биле вратени на сопственикот, а тој сигурно никогаш нема да ја заборави лекцијата за тоа каде и како да се чуваат вредни лични предмети.











