УЈП: Завршија активностите за регистрација и доброволна дерегистрацијa на даночните обврзници за целите на ДДВ

Макфакс

17/02/2026

10:34

133

Големина на фонт

а а а

Управата за јавни приходи информира дека завршија активностите за регистрацијата и доброволна дерегистрацијата на даночните обврзници за целите на данок на додадена вредност (ДДВ).

Рокот за поднесување на пријавите за регистрација и дерегистрација беше до 15 – ти јануари 2026 година.

Врз основа на поднесените барања за регистрација за ДДВ, во текот на месец јануари 2026, Управата за јавни приходи изврши регистрација на 1.199 даночни обврзници во системот на ДДВ за што се донесени исто толку решенија за задолжителна и доброволна регистрација за ДДВ. Во истиот период врз основа на барањата за доброволна дерегистрација, Управата за јавни приходи изврши прекинување на регистрацијата кај 231 обврзници за што се донесоа исто толку решенија за дерегистрација.

Воедно, Управата за јавни приходи ги потсетува новорегистрираните ДДВ обврзниците како и дерегистрираните ДДВ обврзници на нивните даночни обврски: ДДВ обврзници Во решението за регистрација за ДДВ, донесено од Управата за јавни приходи, наведен е датумот од кога започнува обврската за пресметување на данокот на додадена вредност, како и даночниот период во кој се поднесуваат ДДВ пријавите кој може да биде календарски месец или календарско тримесечје.

Даночните обврзници кои користат фискален систем на опрема (фискална каса) должни се веднаш по извршената ДДВ регистрација да се обратат до овластениот производител или сервисер од кого е набавена фискалната каса, со цел да се изврши ажурирање на истата, односно внесување на доделениот ДДВ број и на даночните стапки за ДДВ за секој одделен производ или услуга. Со стекнувањето на статус на ДДВ обврзник, даночните обврзници имаат обврска за извршениот промет на добра и услуги да издаваат фактури во кои посебно е искажан пресметаниот ДДВ, во согласност со законските одредби. Пресметувањето на ДДВ кој се должи или побарува за одреден даночен период се врши во ДДВ пријава (образец ДДВ-04). ДДВ обврзниците кои имаат залихи на добра наменети за натамошна продажба, а кои ги набавиле пред нивното регистрирање за целите на ДДВ, со исполнување на законските услови, имаат право на одбивка на влезниот ДДВ содржан во овие залихи.

Пресметаниот влезен ДДВ по овој основ, ДДВ обврзниците го пријавуваат еднократно, во првата даночна пријава на ДДВ, со пополнување на делот од ДДВ пријавата “ДДВ содржан во залихи на добра наменети за натамошна продажба пред регистрација за целите на ДДВ”. ДДВ пријавата се поднесува во рок од 25 дена по истекот на даночниот период. Пресметаниот ДДВ долг во ДДВ пријавата, ДДВ обврзниците имаат обврска да го платат најдоцна до крајниот рок за поднесување на ДДВ пријавата, односно најдоцна до 25-ти по истекот на даночниот период.

Дерегистрираните ДДВ обврзници, имаат обврска да извршат исправка на одбивката на претходните даноци за сите инвестициски добра за кои се уште не завршил соодветниот период на исправка, како и на одбивката на претходните даноци на затечените залихи на добра наменети за натамошна продажба, а за кои при набавката било искористено правото на одбивка, односно треба да го вратат (платат) одбиениот ДДВ. Исправката на одбивката на претходниот данок се искажува во ДДВ пријавата за последниот даночен период во кој биле регистрирани за ДДВ. Исто како и кај ДДВ обврзниците, и за дерегистрираните обврзници кои користат фискален систем на опрема (фискална каса) должни се веднаш по извршената дерегистрација за ДДВ да се обратат до овластениот производител или сервисер од кого е набавена фискалната каса, со цел да се изврши ажурирање на истата, односно ДДВ бројот и даночните стапки за ДДВ за секој одделен производ или услуга кои се внесени во фискалната каса да се избришат. Ги повикуваме сите даночни обврзници доследно да ги почитуваат законските обврски со цел навремено и правилно исполнување на даночните обврски.