[ВИДЕО] Маж бега од глутница кучиња во Карпош 4, жителите стравуваат за безбедноста

Точка

16/02/2026

18:06

1.318

Големина на фонт

а а а

Глутница бездомни кучиња повторно е забележана во населбата Карпош 4, особено во близина на Скопје Сити Мол, Тафталиџе 1 и 2, како и кај мостот „Влајко“. Ова следува откако претходно, по поплаки од граѓаните, ЈП „Лајка“ интервенираше и залови дел од кучињата од овој дел на општината.

Жителите се загрижени, особено поради видео-снимка која се појави во јавноста, на која се гледа како кучињата се приближуваат кон минувач на пешачката патека пред трговскиот центар и лаат, што го принудува лицето да побегне трчајќи. Дополнителна загриженост предизвикува фактот што во овој реон често се шетаат граѓани со домашни миленици, што создава ризик од можен напад.

Се појавија и сомнежи дека кучињата можеби се донесени од друга локација, но засега нема официјална потврда од надлежните институции.

Од Општина Карпош е побарано формирање кризен штаб и преземање конкретни мерки за трајно решавање на проблемот, иницирано од советничката група „Независни за Карпош“. Според најавите, денес на терен повторно ќе интервенира ЈП „Лајка“.



„Бараме итно формирање кризен штаб во Општина Карпош, сочинет од вработени во општината, претставници од Град Скопје и по можност од другите општини во градот, лица од МВР, АХВ, „Лајка“ и по потреба ветеринари кои работат на територија на општината. Кучињата кои се идентификувани од други општини (како пример Кичево) или држави (Албанија), да се вратат назад под итно и да се идентификуваат чинителите со помош на МВР и камерите на сејф сити и соодветно санкционираат“, велат од граѓанската иницијатива, од каде испратиле барање до градоначалникот до Карпош за да преземе конкретни активности за решавање на проблемот.

„Карпош не може да се справи со нови и нови глутници на бездомни кучиња на своја територија. „Лајка“ не може да постигне со заловување на истите, потребна е помош, а и нивниот дел е да ги вратат назад каде ги нашле, што не го решава проблемот воопшто. Бројот на бездомните кучиња само во делот околу Сити Мол и кејот е над 30тина, според сведоштва на жители и постојано расте. Во последниот месец имаше неколку напади на луѓе, покрај Сити Мол и на кеј, а прашање на време е кога ќе се случат нови, како што е и вчерашното давење мачки на улица Невеска во Карпош 4. Родителите со право се загрижени за своите деца, после чести напади од глутници на кучиња“, посочуваат од „Независни за Карпош“.