[ВИДЕО] „КОД“ открива: Српските шверцери на марихуана живееле во Џевахир зад Агенцијата за разузнавање, се фалеле со врски со актуелната и поранешната власт

Точка

16/02/2026

16:26

1.024

Големина на фонт

а а а

Иван Драгниќ, еден од четворицата сопственици на фирмата „Алфафарм“, беше притворен по големата акција на српската полиција во селото Коњух кај Крушевац, каде што откри и заплени пет тони марихуана. Дрогата е набавена токму од компанијата регистрирана во Македонија, со адреса во скопската општина Кисела Вода.

Според Јавното обвинителство за организиран криминал на Србија, оваа организирана криминална група делувала во меѓународни рамки, така што од почетокот до крајот на јануари 2026 година, на територијата на Македонија набавила пет тони марихуана.

Обвинителството наведува дека, според планот на организаторот, дрогата преку државната граница ја пренесувал осомничениот Иван Драгниќ.


Според сознанија на „Код“, повеќе српски државјани меѓу кои и осомничениот сопственик на „Алфафарм“, кога биле во Скопје живееле и се шетале во комплексот Џевахир.

Таму биле видени и неколку дена пред акцијата во Србија и фатените 5 тони марихуана. Биле гласни, се фалеле со врски со претставници на актуелната власт, но и со претставници на струмичкото крило на поранешната власт.

Комплексот Џевахир се наоѓа веднаш зад Агенцијата за разузнавање. Драгниќ е уапсен и осомничен во Србија во која уште во првите часови по откритието на марихуаната беше навестено дека таа дрога не е единствена. Минатата година во август биле откриени 2 тона марихуана кои наводно биле на истата група во која е скопскиот бизнисмен Драгниќ.

Според информации на „Код“, акцијата во Србија предизвикала и исчезнување на двајца водачи на нарко групи од скопските, кои ги „снемало“ по падот на марихуаната во Крушевац. Дополнително, откритието на српската полиција ги разгоре сомнежите дека македонски млади често се ангажирани во српските нарко групи за работа во Белград и други делови на Србија.

Сите тие сознанија се нов предизвик за македонската полиција, на која примарна задача сега ѝ е да ја утврди врската помеѓу 5-те тони марихуана и Македонија.