Српскиот Јутјубер Бака Прасе, со вистинско име Богдан Илиќ, на социјалните мрежи откри дека останал без скапоцен автомобил откако тој бил запален.
Илиќ на Инстаграм објави снимка од автомобилот „Mercedes G Brabus 800“ кој гори на паркинг, а во описот кратко порача: „RIP Brabus. 2023-2026“. По снимката од запалениот автомобил сподели фотографија по гаснењето на пожарот, а притоа се пошегува: „‘Brabus’ е зготвен“.

Како што пренесуваат српските медиуми, автомобилот на Јутјуберот бил запален ноќеска околу 3:30 часот. Сè уште не се познати деталите за инцидентот.
На својот втор профил Илиќ навести која е причината за палењето.
„Го запалија ‘Brabus’ затоа што не сакав да платам рекет“, напиша покрај снимката од запалениот автомобил.
Да потсетиме, Јутјуберот во едно од своите видеа претходно откри дека автомобилот го купил пред три години и, како што тврди, го платил 500.000 евра, но дека се покајал и сакал да го врати.
Посебна доза на екстраваганција носи целосно портокаловиот ентериер – рачно шиена кожа, карбонски детали и персонализирани ‘Brabus’ елементи што ја претвораат кабината во луксузен lounge на висина на теренско возило.
Цената на ваквите индивидуално конфигурирани примероци обично надминува 450.000 евра, а со богата персонализација може да достигне и над 500.000 евра, што го прави еден од најексклузивните и највпечатливите SUV проекти во светот. Овој автомобил е, како што вели Илиќ, единствен – не постои ниту еден таков во светот.






















