Актерот Џејмс Ван Дер Бик, кого публиката го памети по улогата во серијата „Dawson's Creek“, почина по борбата со рак на дебелото црево. Имаше 48 години.
Неговата сопруга Кимберли Ван Дер Бик ја потврди тажната вест на социјалните мрежи.
„Нашиот сакан Џејмс Дејвид Ван Дер Бик мирно почина утрово. Последните денови ги помина со храброст, вера и достоинство. Има многу што може да се сподели за неговите желби, љубовта кон човештвото и светоста на времето. Тие денови ќе дојдат. Засега ве молиме за приватност додека тагуваме по нашиот сакан сопруг, татко, син, брат и пријател“, наведе таа.
Ракот му бил дијагностициран во 2023 година, а својата дијагноза јавно ја објави во 2024 година. Тогаш изјави дека постои причина за оптимизам.
Актерот е роден на 8 март 1977 година и пораснал во Конектикат. Уште како дете настапувал во училишни претстави и ги молел родителите да му дозволат да оди во Њујорк на аудиции.
Како тинејџер започнал да глуми на театарските сцени. Откако ја доби улогата на Досон Лири во „Dawson's Creek“, Ван Дер Бик ги прекина студиите на Универзитетот Дру во Њу Џерси.

Серијата „Dawson's Creek“, во која глумеа и Кејти Холмс, Мишел Вилијамс и Џошуа Џексон, започна да се емитува во 1998 година и постигна голем успех.
Сопругата Кимберли ја запознал во 2009 година, а се венчаа една година поцоан во Тел Авив. Парот има 6 деца – ќерките Оливија, Анабел, Емилија и Гвендолин и синовите Џошуа и Џеремаја.








