Познато е дека холивудските ѕвезди не штедат кога станува збор за луксузни патувања, автомобили и стајлинзи, но нивните раскошни домови се приказна за себе.
Од детали како огромни кујнски острови, надворешни базени и приватни кина, па сè до оние што отишле чекор понатаму и ги поместиле границите на здравиот разум – така нѝ се чини.
Ова се некои од најнеобичните додатоци во домовите на богатите од А-листата и бидете сигурни дека нема да останете рамнодушни.
На списокот се наоѓаат, верувале или не, приватна капела, пештера, ролеркостер и многу друго, а во редовите што следуваат погледнете кои се сопствениците на најнеобичните вили во светот на екстремно богатите и познатите.
Дворецот за домашни миленици на Парис Хилтон
Парис Хилтон е позната по тоа што во својот двор изградила минијатурна куќа за своите кучиња. Дизајнот бил инспириран од нејзината луксузна вила, со клима-уред, балкон и лустер. Се верува дека ова неверојатно здание чинело вртоглави 325.000 долари – вистинска палата за кутриња.

Пештерата на Лејди Гага
Пејачката Лејди Гага поседува тајно подземно засолниште до кое се стигнува преку тунели. Во него има кино, куглана и аркадни игри. Не е изненадување податокот дека поранешниот сопственик работел за „Warner Bros“.

Приватниот аеродром на Џон Траволта
Џон Траволта има сериозна страст кон авионите, што го докажал со купување сопствена писта во Окала, Флорида, каде што ја изградил и својата куќа. Неговата резиденција во рамките на комплексот „Jumbolair Aviation Estates“ вреди 10 милиони долари и има простор за паркирање на два приватни авиона веднаш пред домот, што му овозможува да се качи во млазен авион за помалку од една минута по излегувањето од куќата.
Водениот парк на Селин Дион
Иако легендарната пејачка денес живее во Лас Вегас, некогаш престојувала во величествен имот на Флорида кој имал сопствен воден парк. Уште во 2008 година, Селин Дион и нејзиниот покоен сопруг Рене Анжелил купиле имот од пет хектари и постепено го претвориле во дом од соништата. Сигурни сме дека нивните синови – Рене-Шарл, Нелсон и Еди максимално уживале таму.

Уметничката галерија на Бијонсе и Џеј-Зи
Вилата на Бијонсе и Џеј-Зи во Бел Ер, проектирана од архитектот Тадао Андо, ги поседува сите луксузни елементи што би ги очекувале – базен, теретана, но и посебна уметничка галерија. Меѓу изложените дела се наоѓаат работи на икони како Ворхол и Баскијат. Интересен податок е дека нивниот имот вреден речиси 90 милиони долари бил најскапата трансакција во тој дел во тој момент.

Собата за порцелан на Крис Џенер
Семејството Кардашијан-Џенер е познато по импресивните имоти и безбројните детали што оставаат без здив, но ништо не е поинтригантно од хобито на Крис Џенер. Познатата „мамаџерка“ има цела соба посветена на порцелан. Да, добро прочитавте. Нејзината колекција на порцелан вклучува дизајнерски сервиси од целиот свет, меѓу кои и чајник од 640 долари од брендот „Gucci“. Се разбира, сè е секогаш беспрекорно средено.

Ноќниот клуб на Биг Шон
Знаеме дека славните личности сакаат забава, но што велите за ноќен клуб во сопствениот дом? Кога Биг Шон ја отвори вратата на својата вила на Беверли Хилс за списанието „Architectural Digest“, го откри легендарниот домашен клуб. Црната просторија има DJ-пулт, диско-топка и ѕидни ламби во форма на черепи. Најдобриот дел – враќањето дома по забава значи само качување еден кат погоре.
Ролеркостерот на Мајкл Џексон
Имотот на Мајкл Џексон, прочуениот „Neverland“ во Санта Барбара, Калифорнија, со години беше тема на насловни страници ширум светот. Овој вистински забавен парк имаше ролеркостер, панорамско тркало, рингишпил и автомобилчиња за судирање. Имотот подоцна беше преименуван во „Sycamore Valley Ranch“ и денес е во сопственост на калифорнискиот инвеститор Рон Беркли.

Соба со трамболина на Бил Гејтс
Основачот на „Microsoft“, Бил Гејтс, е познат по милијардите што ги поседува, па логично е да има и импресивен дом. Неговата луксузна резиденција, позната како „Xanadu 2.0“, наводно вреди околу 130 милиони долари. Сместена во Медина, предградие на Сиетл, куќата е високотехнолошко чудо во кое гостите се регистрираат при пристигнување, а просториите се прилагодуваат според нивните температурни преференции. Додека трамболина во дворот е релативно вообичаена, Бил отишол чекор понатаму со затворена соба со трамболина.

Капелата на Гвен Стефани и Блејк Шелтон
Не толку екстравагантно како останатото, но исклучително посебно. Кога Гвен Стефани и Блејк Шелтон се свршија, споделија фотографија од нивната приватна капела на ранчот на Блејк во Оклахома. Токму таму подоцна и се венчаа, во присуство на семејството и пријателите. Нивното селско засолниште е место каде што поминуваат многу време, уживајќи во едноставни нешта како заедничко градинарење.













