Иако оптималната дневна количина вода не е иста за сите, постојат општи насоки.
Децата од четири до осум години треба да пијат околу 1,2 литра вода дневно, додека на лицата постари од 60 години им се препорачуваат меѓу 1,6 и 2 литра.
Но, што се случува ако таа количина не ја внесувате редовно? Лекарката Надира Авал откри за „Metro Online“ како телото реагира кога хронично му недостасува течност.

Мозок
Според д-р Авал, кога не пиете доволно вода, се намалува волуменот на крвта, што може да доведе до послаб доток на кислород во мозокот. Тоа најчесто се манифестира со главоболка, чувство на притисок во главата или намалена концентрација.

Уста, кожа и усни
„Како што телото дехидрира, се намалува продукцијата на плунка, што предизвикува чувство на сувост или лепливост во грлото и устата“, објасни лекарката. Таа додава дека усните тогаш често стануваат суви и испукани. Дехидрацијата влијае и врз изгледот на кожата, која станува помалку еластична и затегната.
Еден од едноставните начини за проверка е т.н. тест со штипење.
„Тестот за еластичност на кожата се прави така што нежно ќе ја штипнете кожата на дланката и потоа ќе ја пуштите. Ако кожата не се врати брзо во нормална положба, туку остане набрана, тоа може да биде знак на дехидрација.“

Ниво на енергија
Заморот е еден од најчестите знаци дека не пиете доволно вода. Кога на телото му недостасува течност, тоа мора дополнително да се напрега за да ги извршува основните функции, што може да резултира со исцрпеност и недостиг на енергија.
Ако се чувствувате уморно, а не сте ненаспани, многу е можно едноставно да ви недостасува вода. Во потешки случаи дехидрацијата може да предизвика и пад на крвниот притисок, што може да доведе до вртоглавица или дури и несвестица, предупреди д-р Авал.
„Кога ќе се појават вакви симптоми, важно е веднаш да се реагира. Во повеќето случаи блага до умерена дехидрација се решава со зголемен внес на течности. Сепак, кај потешки форми на дехидрација или кај чувствителни групи, како мали деца и постари лица, може да биде потребна лекарска помош“, истакна таа.











