Научниците одамна предупредуваат на опасностите од ултрапреработената храна врз здравјето, а сега тврдат дека ваквата храна е дизајнирана по пример на цигарите, создава зависност и бара подеднакво строго законско регулирање.
Истражувачи од Харвард, Универзитетот Мичиген и Универзитетот Дјук заклучуваат дека многу ултрапреработени производи – како газирани безалкохолни пијалаци, чипс, бисквити и слатки – се индустриски осмислени така што поттикнуваат компулсивна консумација.
Според наводите од студијата објавена во списанието „Milbank Quarterly“, овие производи се „високо инженерски обликувани и хедонистички оптимизирани“, според принципи што со децении се развивале во тутунската индустрија, пренесува „Deutsche Welle“.
Авторите тврдат дека прехранбената индустрија презела клучни техники од тутунската индустрија: прецизно дозирање шеќер, масти и сол, комбинирано со текстура и ароми што максимално ги стимулираат центрите за задоволство во мозокот. Целта не е ситост, туку повторна и прекумерна потрошувачка.

Затоа научниците препорачуваат сличен регулаторен пристап каков што денес се применува кај тутунот – вклучувајќи појасно означување на производите, повисоки даноци, ограничување на достапноста во училиштата и здравствените установи, како и строги ограничувања на маркетингот, особено оној насочен кон децата.
За разлика од тутунот, храната е неопходна за живот – што, според авторите, го прави законското регулирање уште поитно. „Во современиот систем на снабдување со храна речиси е невозможно целосно да се избегне ултрапреработена храна“, се наведува во студијата.
Што е ултрапреработена храна?
Иако не постои единствена глобална дефиниција, под ултрапреработена храна најчесто се подразбираат производи што минуваат низ повеќе фази на индустриска обработка и содржат бројни адитиви – од емулгатори и конзерванси до вештачки ароми и бои. Во таа категорија спаѓаат газирани пијалаци, слатки, грицки, готови јадења, месни преработки, намази, но и одредени замени за месо и индустриски мусли.
Ваквата исхрана обично е богата со калории, шеќер, сол и заситени масти, а сиромашна со влакна, протеини, витамини и минерали.
Студиите покажуваат дека ултрапреработената храна сè повеќе ја заменува природната храна и свежо подготвените оброци: во развиените земји таа сочинува дури околу половина од вкупниот калориски внес, а ваквиот тренд сè повеќе се забележува и во помалку развиените делови од светот.

„UNICEF“: Да се спасат децата од нездрава храна
Последиците од сè поголемата употреба на ултрапреработена храна највидливо се одразуваат кај децата и младите. Во својот најнов Извештај за исхраната на децата, „UNICEF“ предупредува дека децата ширум светот растат во средина во која постојано се изложени на евтина и агресивно рекламирана ултрапреработена храна и засладени пијалаци – особено преку дигиталните канали – додека здравата храна често е недостапна или прескапа.
Според податоците на „UNICEF“, во светот за првпат има повеќе дебели отколку потхранети деца и млади. Околу 20 проценти од децата и адолесцентите на возраст од пет до 19 години имаат прекумерна телесна тежина (391 милион), додека 9,4 проценти – односно околу 188 милиони – се дебели. Истовремено, потхранети се 9,2 проценти од децата и младите.

„UNICEF“ прави јасна разлика меѓу прекумерна тежина и дебелина, нагласувајќи дека дебелината претставува потежок и здравствено поризичен облик.
Организацијата наведува силни докази дека висок внес на ултрапреработена храна кај децата е поврзан не само со дебелина, туку и со послаб квалитет на исхрана, недостаток на микронутриенти и проблеми со забите, менталното здравје, како и со зголемен ризик од дијабетес тип 2, кардиоваскуларни и други хронични болести подоцна во животот.
Поради тоа „UNICEF“ препорачува забрана на нездрава храна во училиштата – пред сè ултрапреработени производи – построга регулација на маркетингот, задолжително означување и оданочување на нездравите производи, поголема достапност на локално произведена здрава храна, како и политичка заштита од влијанието на прехранбената индустрија.
















