Угледниот британски угостител бил фатен на дело како тајно додава дрога за силување во пијалак на една жена.
Вработените во приватниот клуб „Анабелс“ во ексклузивниот лондонски „Мејфер“ сведочеле пред британскиот суд дека Викас Нат користел сламка за да сипе течност од шише со екстракт од ванила во пијалакот маргарита на жената со која бил во друштво.
Персоналот веднаш го заменил пијалакот пред жената да го испие и притоа ја известил полицијата.
Нат (63) е обвинет за обид за давање наркотици со намера и за поседување дрога од класата Б. Тој ги негира обвиненијата, но признава дека го „зачинил“ пијалакот, тврдејќи дека неговата цел била да ја „релаксира“ жената, а не да подготви терен за сексуален однос.
На поротата ѝ било кажано и дека Нат имал камера активирана со движење во спалната соба во неговиот дом во Најтсбриџ, која автоматски снимала и складирала видеа. Викас Нат признал дека претходно ја користел за „тајно“ снимање на сексуални односи однос, објавува Би-би-си.
Нат, кој е сопственик на низа ресторани во Велика Британија и Шпанија, вклучувајќи и два со ѕвезди „Мишелин“, според наводите на обвинителството, го скрил шишето со течност во резервоарот во тоалетот додека полицијата била на пат.
Кога полицајците пристигнале во клубот, пронашле шишенце што содржело траги од гама-бутиролактон (ГБЛ). Подоцна, во неговиот дом, под мијалникот, биле пронајдени уште две шишиња од истата супстанција.
Обвинителот Тим Кларк рекол дека Нат пред инцидентот разменувал пораки со пријател од кои произлегува дека сакал да има сексуален однос со жената, како и дека бил „фрустриран“ што тоа сè уште не се случило.
„Неговото признание не е особено изненадувачко – тој немал избор бидејќи целиот чин бил снимен со надзорните камери во Анабелс“, рекол Кларк.
Судот, исто така, слушнал дека жената, инаку членка на клубот, го повикала Нат во „Анабелс“, каде што отишле во барот на покривот и таа нарачала коктел. Во еден момент станала да им го покаже клубот на своите две пријателки, оставајќи го Нат сам на масата со пијалаците.
Според зборовите на обвинителот, двајца вработени тогаш забележале „необично однесување“ – го виделе Нат како се обидува да го скрие шишето, ја вади течноста со сламка и ја истура во пијалакот на жената.
„Пред доаѓањето на полицијата, г-дин Нат очигледно сфатил дека бил разоткриен. Тој се обидел да ги отстрани доказите, отишол во тоалетот и го фрлил шишето во резервоарот, каде што било пронајдено како плови“, рекол Кларк.
Во текот на полициското испрашување, Нат тврдел дека ГБЛ го набавил како средство за чистење за автомобил со високи перформанси и дека еден пријател му рекол дека во комбинација со алкохол може да се користи како средство за опуштање. Тој додал дека не знаел дека поседувањето ГБЛ е незаконско.
Судењето на Викас Нат продолжува.
















