[ФОТО] Овој народ нема своја татковина, живее на море и ниедна држава не ги признава како свои граѓани: Нивниот неверојатен начин на живот го фасцинира светот

Точка

06/02/2026

18:45

1.265

Големина на фонт

а а а

Познати како „водени луѓе“, Бајау немаат постојана адреса ниту државјанство, а благодарение на исклучителните нуркачки способности, морето им е дом и извор на преживување.

Индонезија е островска земја која има огромни територијални води со богати подводни природни ресурси. А токму од нив живее едно од најнеобичните племиња во светот. Племето Бајау, кое го нарекуваат и морски номади или океански скитници, никогаш не се населува на едно место, туку скита по морињата и плови. На копно доаѓаат само повремено – да ја продадат уловената риба, за да купат суровини и намирници кои не можат сами да си ги обезбедат.


Ниту една држава не ги признава како свои граѓани

Племето Бајау потекнува од регионот Сулу на југот на Филипините, но се движат и низ водите на Малезија, Брунеј и Индонезија. Сепак, ниту една од овие држави не ги признава како свои граѓани, па припадниците на племето Бајау се луѓе без државјанство и националност. Користат различни јазици, во зависност од тоа во кој дел од морското подрачје најдолго живеат. Во минатото се обидувале повремено подолго да останат на некоја копнена територија, но секој пат биле избркани од локалното население. Затоа продолжуваат да пловат и да живеат номадски живот.


Живеат на бродови и се вешти морепловци

Припадниците на племето Бајао немаат куќи ниту цврсти домови: живеат на своите бродови. Со нив се селат од едно место на друго, а на бродовите се одвива целиот нивни живот и сите активности. Затоа не зачудува фактот дека се познати како врвни морепловци, вешти во справувањето со брановите и временските неприлики. Сè што поседуваат се наоѓа на бродот, кој воедно е и изворот на нивното преживување. Главно ловат риба и од неа заработуваат за живот.


Неверојатно се снаодливи во вода и можат да го задржат здивот подолго од професионални нуркачи

Припадниците на ова племе пливаат и нуркаат буквално секој ден уште од мали нозе, а под вода поминуваат и по пет часа дневно, поради што го добиле прекарот „водени луѓе“. Светот е фасциниран од нивната способност за нуркање: можат многу долго да го задржат здивот под вода. Тренирани нуркачи под вода просечно остануваат три до четири минути, а просечен припадник на Бајау под вода може да остане и до пет минути. Некои текстови спомнуваат и неверојатни 13 минути нуркање.


Не знаат ниту да читаат ниту да пишуваат, а секоја група има свој водач односно старешина

Од интересните факти за ова необично племе се издвојува и тоа што не знаат да читаат ниту да пишуваат. Во најголем дел се муслимани. За верата учат од колено на колено, преку усно предание, иако ни денес не се откажале од некои постари верувања и обичаи на своите предци.


Поделени се во групи, од кои секоја има свој водач, односно старешина, кој повремено изведува шамански ритуали за безбедноста на племето. Сепак, своите починати ги погребуваат на копно, следејќи ја исламската традиција и обичаите.

Не го бележат протокот на време и не знаат колку години имаат

Морскиот номадски живот довел до тоа племето Бајау да не се грижи за датуми ниту да го бележи протокот на времето. Како резултат, поголемиот дел од нив не знаат колку години имаат, односно колку се стари, а прославување родендени не постои.


На море се раѓаат и умираат, но тоа не значи дека не ја ценат уметноста. Изведуваат традиционални Бајау танци за време на свадбени обреди, свират музички инструменти, а едрата на нивните чамци обично се убаво и раскошно насликани.