Благодарение на рекордниот раст на цените на благородните метали на светските пазари, медалите што спортистите ќе ги освојуваат на Зимските олимписки игри во Милано и Кортина се најскапи во историјата. Вредноста на златниот медал пораснала за речиси три пати во споредба со претходните Игри.
Спортистите што овој месец ќе се искачат на победничкиот подиум на Зимските олимписки игри во Италија ќе бидат наградени со медали чија материјална вредност достигна историски рекорд. Иако сентименталната вредност на олимпиското одличје е непроценлива, неговата внатрешна, парична вредност никогаш не била повисока. Според последните пресметки, базирани на актуелните цени на металите, вредноста на една златна медала изнесува приближно 2.200 евра. За споредба, златниот медал на Зимските олимписки игри во Пекинг 2022 година вредеше околу 700 евра, што значи дека вредноста за само неколку години пораснала речиси трипати. Вкупно ќе бидат доделени повеќе од 700 златни, сребрени и бронзени медали за најдобрите светски спортисти во дисциплини од скијање и хокеј до уметничко лизгање.

Главната причина за ова драстично поскапување е наглиот раст на цените на златото и среброто на светските берзи. Од последните Летни игри во Париз 2024 година, цената на златото пораснала за повеќе од 100 проценти, додека среброто скокнало за неверојатни 200 проценти. Овој раст е поттикнат од глобалната геополитичка нестабилност, поради која инвеститорите и централните банки масовно купуваат злато како традиционално „безбедно засолниште“ за капиталот. Според анализа на „CNN“, побарувачката најверојатно ќе остане силна, што значи дека медалите на следните Игри би можеле да бидат уште поскапи.

И покрај името, златниот олимписки медал не е изработен од чисто злато. Всушност, во најголем дел се состои од сребро. Според строгите правила на Меѓународниот олимписки комитет, секој златен медал мора да содржи минимум шест грама чисто злато. Медалите за Игрите во Милано и Кортина, кои ги изработува Италијанската државна ковница, тежат 506 грама, од кои 500 грама се чисто сребро, а преостанатите шест грама се позлата од чисто злато. Последните медали од целосно злато биле доделени уште во 1912 година на Игрите во Стокхолм. Сребрениот медал, тежок 500 грама, целосно е изработен од сребро и вреди околу 1.300 евра.

Во споредба со нив, вредноста на бронзениот медал е речиси симболична. Тој тежи 420 грама и главно е изработен од бакар, поради што неговата материјална вредност изнесува нешто повеќе од пет евра. Интересно е што медалите за овие Игри се изработени од рециклирани метали и со користење обновливи извори на енергија, со што се нагласува еколошката свесност.

Иако материјалната вредност на медалите е повисока од кога било, таа е занемарлива во споредба со сумите што одличјата ги достигнуваат на аукции. Ретко кој спортист се одлучува да ја продаде својата медала, но кога тоа ќе се случи, тие стануваат исклучително барани колекционерски предмети. На пример, златниот медал што Џеси Овенс го освоил на Олимписките игри во Берлин 1936 година бил продаден во 2013 година за неверојатни 1,46 милиони долари. Колекционерската вредност не зависи од металот, туку од приказната зад спортистот и историскиот момент во кој медалот бил освоен.











