Што се случува во човечкиот мозок кога се приближуваме до крајот на животот? Ова прашање отсекогаш ги фасцинирало луѓето, но сега научниците започнаа да ја проучуваат мозочната активност кај пациенти кои биле во критична состојба и доживеале искуства блиски на смртта.
Резултатите укажуваат дека мозокот во последните моменти од животот не се „исклучува“, туку кратко време пред смртта доживува интензивна и организирана активност, пишува „Би-би-си Санес Фокус“.
Истражувањата користат електроенцефалограм (EEG) за да ја следат мозочната активност во минути и секунди пред мозочната смрт. Иако срцето може да престане да чука, мозочните клетки имаат одредени резерви на енергија кои им овозможуваат кратко време да функционираат и по прекинот на циркулацијата. Тоа создава феномен наречен „бран на смртта“ – ненадејна и масовна невронска активност која можеби е основата за искуствата на луѓето кои се блиску до смртта.

Мала студија на Универзитетот во Мичиген анализирала четворица пациенти кои починале додека биле приклучени на апарати за следење на мозокот и срцевиот ритам. Кај двајца од нив биле забележани силни „гама бранови“ – најбрзите мозочни бранови кои обично се поврзуваат со свесна обработка на информации. Овие бранови се појавиле во региони на мозокот поврзани со меморија и свесно доживување, што укажува дека мозокот кратко време пред смртта е високоорганизиран и можеби доживува „внатрешен филм“ на спомени.

Неврологот д-р Ајмал Земар објаснува дека кога мозокот престанува да добива кислород, се активираат низа настани: прво доаѓа интензивен налет на активност – можеби обид на мозокот да преживее – а потоа следат побавни мозочни бранови и конечно потполна тишина. Овој процес е придружен со ослободување на невротрансмитери (neurotransmiters) и јони кои предизвикуваат масовна невронска активност.
Студиите на животни покажуваат слични феномени, а научниците сметаат дека истиот процес можеби се јавува и кај луѓето. Доколку тоа е вистина, моментот на интензивната мозочна активност би можел да објасни зошто луѓето кои доживеале искуства блиски на смртта опишуваат чувство на мир, светлина, животен филм пред очи или чувство на единство.
Професорката Шарлот Маршал од Универзитетот во Лиеж наведува дека комбинацијата на зголемени нивоа на серотонин, ендорфини и норадреналин можат да создадат богати визуелни и емоционални искуства. Слични мозочни активности се забележуваат и при медитација, интензивни когнитивни задачи или употреба на одредени супстанции, што укажува дека мозокот во овие моменти користи механизам кој создава чувство на мир и заштита.

Овие откритија имаат и психолошка димензија: за оние кои се соочуваат со губење на блиски, знаењето дека мозокот во последните моменти може да произведе чувство на мир и спокојство може да биде утешително.
Како што вели д-р Земар: „Смртта не е само момент, смртта е процес. Луѓето во тие последни моменти се во мир.“
Истражувањата покажуваат дека краткиот „бран на живот“ пред крајот може да биде клучот за разбирање на свеста во моментите на умирање. Но, тие исто така отвораат прашања за живите – како да живееме денес за нашиот „животен филм“ пред очите да биде исполнет со значајни моменти и спомени.










