На Макс Шмелинг малку му недостасуваше да го доживее стотиот роденден, а ова е неговата животна приказна.
Макс Шмелинг е роден на 28 септември 1905 година во малиот град Клајн Луков, во денешната покраина Бранденбург. За боксот се заинтересирал откако видел филм посветен на овој спорт.
Кариерата ја започнал во 1923 година, а веќе следната станал аматерски шампион во полутешка категорија.
На 12 јуни 1930 година стана првиот Германец и Европеец кој ја освоил титулата светски шампион, откако го победи Џек Шарки. Американскиот боксер беше дисквалификуван во 12. рунда поради низок удар, кој го испрати Шмелинг на подот.
По тоа следуваа порази од Макс Бер и Стив Хамас, по што беше речиси отпишан. Сепак, Шмелинг се врати во форма, ги победи двајцата и го стекна правото да го предизвика неприкосновениот Луис.
Американскиот шампион до тогаш имаше 27 победи и важеше за непобедлив.
Борбите со Луис го направија Шмелинг инструмент на пропагандата на нацистичка Германија во медиумската пресметка со САД пред Втората светска војна.
Шмелинг влезе во рингот како апсолутен аутсајдер, со официјални шанси проценети на 10:1, и приреди едно од најголемите изненадувања во историјата на спортот.
Со десна рака го нокаутира Луис на 9 јуни 1936 година, замолчувајќи 60.000 гледачи во Њујорк. Нацистичкиот режим таа победа ја прогласи за симбол на „ариевската надмоќ“.
Иако често користен во пропаганда, Шмелинг не бил нацист, а неговиот тренер бил Евреин.
Луис ја врати титулата следната година со победа над Џејмс Бредок, но истакна дека нема да се смета за вистински шампион додека не го победи Шмелинг.
Тоа се случи во 1938 година, кога Луис победи со нокаут во првата рунда. Тогаш Шмелинг во Америка беше доживуван како симбол на нацистичка Германија.

Борбата во САД беше претставена како судир меѓу доброто и злото, а американскиот претседател Френклин Рузвелт дури го повика Луис во Белата куќа пред мечот и го охрабри да го победи Шмелинг.
„Кога сега размислувам за тоа, речиси ми е мило што изгубив. Замислете само како ќе беше да победев и така да се вратев во Германија. Нацистите ќе ми доделеа орден иако немав никаква врска со нив, а по војната можеби ќе ме прогласеа за воен злосторник“, изјави Шмелинг во 1975 година.
По тој пораз, нацистите се дистанцираа од Шмелинг. Во 1940 година беше регрутиран како падобранец, а една година подоцна беше тешко ранет и долго време помина во болница.

И покрај тоа што често беше прикажуван како орудие на нацистите, Шмелинг често влегуваше во судир со владејачкиот режим на тогашна Германија.
Иако ручаше со Адолф Хитлер и имаше неколку долги разговори со министерот за пропаганда Јозеф Гебелс, нацистите првпат ги налути во 1935 година, кога одби да го отпушти тренерот Џо Џејкобс, американски Евреин, и да се разведе од филмската ѕвезда Ани Ондра, родена Чехинка.
За време на Олимписките игри во 1936 година, Шмелинг од Хитлер издејствува ветување дека германските спортисти ќе бидат заштитени. За време на Кристалната ноќ, кога нацистите палеа книги и синагоги, тој кај себе скрил две еврејски момчиња.

Наводно, Шмелинг го користел своето влијание за да спаси и други еврејски пријатели од концентрационите логори.
По војната, Шмелинг живеел тешко и бил принуден повторно да се врати во рингот поради пари. Се борел уште пет пати, пред во 1948 година да биде поразен во 10. рунда од Валтер Нојзел.
Потоа се повлекол, на 43-годишна возраст, со скор од 56 победи, 10 порази и 4 нерешени меча, со 39 нокаути.

Парите ги искористил за да ја купи лиценцата на компанијата „Coca-Cola“ во Германија и успеа значително да се збогати. Покрај тоа, го користеше своето име и популарност на пазарот, и покрај проблемите што ги имаше со нацистите.
Со текот на годините, германскиот великан го негуваше и ценеше пријателството со Луис и неколкупати тивко му донираше пари на американскиот боксер, кој остана без среќа и средства. Тој дури и ја плати погребната церемонија на Луис во 1981 година.
Во последните години од животот, Шмелинг времето го минуваше гледајќи телевизија во својот дом во Холенштет, во близина на Хамбург. Почина на 2 февруари 2005 година, неколку месеци пред својот 100. роденден. Долгиот живот го припишуваше на среќниот брак.


















