Арбелоа со провокација до Димитриевски и соиграчите од Валенсија: За нив следи натпреварот на сезоната

Дерби

02/02/2026

14:19

178

Големина на фонт

а а а

Реал Мадрид со многу мака го скрши отпорот на Рајо Валјекано и победи од пенал постигнат во 100-та минута, а триумфот од 2:1 ги врати на минус еден од Барселона која претходно славеше над Елче.

И покрај тоа што Реал не импресионира премногу со играта која прикажува, Алваро Арбелоа врза трета победа во Ла Лига, но се очекува следниот викенд да има голем предизвик со гостување на „Месталја“ кај Столе Димитриевски и неговите соиграчи.

Иако Валенсија изминатите неколку години не е на нивото, и натаму останува тим кој знае да му направи доста проблеми на Реал, а потврда за тоа беше и минатогодишната победа на „Сантијаго Бернабеу“ во вториот дел од сезоната.

„Лилјаците“ имаат богата историја со тензични дуели против „кралевите“, па во пресрет на дербито кое се игра на „Месталја“ во недела, Арбелоа ја подгреа атмосферата со првата изјава која ја даде по мечот со Рајо.

– Работам неколку работи од моите играчи, а тоа го гледам на теренот. Посветеност и став, а секако и напорот кој се вложи за да се стигне до победа. Реал Мадрид секогаш мора да направи повеќе од другиот тим за да победи. Така било, така ќе биде и на следниот меч. Сигурен сум дека Валенсија ќе го игра натпреварот на годината на домашен терен против нас, а за да ги победиме, ќе мора да бидеме многу добри, – изјави Арбелоа, алудирајќи на тоа дека за Валенсија натпревар на сезоната е оној кога игра со Реал на домашен терен.