Влатко Сулев: Туризмот почнува од секој од нас! Саемот за Агро-Екотуризам како инспирација

Точка

02/02/2026

13:03

181

Големина на фонт

а а а

Овој викенд во срцето на Скопје, во креативниот простор Public Room, се одржа настан што ме потсети зошто вреди да се верува во автентичниот туризам. Саемот за Агро-Екотуризам собра на едно место локални производители, туристички ентузијасти, бизниси и посетители – сите обединети околу една идеја: да се покаже вистинската душа на Македонија.

Настанот не беше само презентација на органски производи, традиционални ракотворби или туристички услуги. Тоа беше сцена на надеж и доказ дека кога ќе се спојат љубовта кон земјата, претприемништвото и визијата за одржлив развој се добива вистинска вредност. Ваквите настани заслужуваат да станат модел за иднината.

Вистинскиот туризам е личен, не статистички

Во последниве години, туризмот се сведува на бројки, колку ноќевања, колку странски туристи, какви се процентите. Но, суштината на туризмот е многу подлабока. Туристите не доаѓаат само поради убавините, туку поради чувството што го носат со себе кога ќе си заминат.


Пред неколку години, во разговор со еден европски амбасадор, добив порака што никогаш нема да ја заборавам: „Ние можеме да ви помогнеме, да поддржиме проект, да ви дадеме насока. Но љубовта кон сопствената земја, тоа мора самите да го почувствувате.“ И токму тоа беше најсилниот впечаток од саемот – луѓе кои ја сакаат својата земја и тоа го претвораат во туристичка понуда.

Агро-екотуризмот како модел за иднината

Саемот во Паблик Рум покажа дека постои неисцрпен извор на автентични искуства низ Македонија – од рурални домаќинства во Кичевско, преку вински тури во Тиквешијата, до органски градини во Преспа. Овие мали, но вредни приказни имаат моќ да ги трансформираат нашите рурални заедници.

Но потребна е координирана поддршка. Државата, приватниот сектор и донаторите треба да соработуваат за да се создаде функционален модел: да се вложи во едукација, дигитализација, достапност, но и во маркетинг и брендирање. Бизнисите треба да се мотивираат, а не само да се повикуваат на самофинансирање. Само така ќе имаме стабилна туристичка понуда што носи долгорочна вредност.


Туризмот е пред колективен испит

Како претседател на НАИТМ, често нагласувам: туристичкиот впечаток почнува од деталите. Од моментот кога туристот ќе слета на аеродромот, до начинот на кој ќе биде пречекан во некое мало село. Хигиената, пристапноста, љубезноста, инфраструктурата – сè е дел од приказната. Туристот можеби нема да ја запомни секоја зграда, но ќе го запомни чувството. А тоа чувство го создаваме ние – со секој поглед, секој збор, секое „добредојде“.

Ние, како граѓани, не сме пасивни гледачи. Нашиот однос кон јавниот простор, кон културното наследство, кон странците, тоа е туризмот. Не ни треба само нова стратегија. Ни треба нова свест.


Заклучок: иднината е веќе започната

Настани како саемот за Агро-Екотуризам ни покажуваат дека туризмот со душа постои. Тој не се гради со луксузни хотели и скапи кампањи, туку со искреност, посветеност и љубов кон местото каде што живееме. Ако сакаме Македонија да биде туристичка дестинација со препознатлив идентитет, мора да продолжиме да ги поддржуваме токму ваквите иницијативи.

Затоа, да го користиме ова искуство како инспирација. Да не чекаме друг да ни ја создаде понудата, таа почнува од нас. Од нашето село, од нашата улица, од нашиот однос. Бидејќи туризмот не е слика на билборд, тој е чувство што останува.

А тој однос почнува пред нашата врата.