„Криминални тендери, дрога од 5 тони, фотографии на Мицкоски со криминалци, луксузни часовници вредни 65.000 евра. А, нема пари за поголеми плати, нема пари за минимална плата од 600 евра за работниците кои едвај врзуваат крај со крај. Како во мафијашки филм“, истакна генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, на денешната прес-конференција, за скандалот со запленетата дрога во Србија.
Димитријевиќ предупреди на фактот дека запленетата огромна количина од 5 тони дрога, која дошла преку Македонија, а меѓу уапсените има и ко-сопственик на македонска фирма, е сериозен криминален и картелски скандал.
„Ова е огромен, криминален, картелски скандал за кој мора да има одговорност. Клучното прашање на кое власта мора веднаш да одговори е: како 5 тони дрога поминале преку македонската граница? Кој дозволил 5 тони дрога да се прошверцува?“, рече Димитријевиќ.
Ваков криминал, вели тој, не може да се случи без поддршка и заштита од структури во власта, и дека ова не е инцидент, туку системски проблем.
„Како е можно во држава со Сејф Сити, со камери и скенери на граничните премини да поминат 5 тони дрога? Или ова е толку добро организирана картелска мрежа поврзана со сè и никој ништо не ѝ може? Уште колку вакви пратки, уште колку тони дрога се пренесени преку македонските граници без да бидат откриени?“, праша Димитријевиќ.
СДСМ, додаде, со денови алармира за директна поврзаност на криминални структури во Македонија и Србија, но од институциите нема одговори, ниту реакција.








