Најновите документи објавени од американското Министерство за правда во рамки на истрагата поврзана со Џефри Епстин откриваат шокантни наводи за можна вмешаност на македонски државјанин – професор на Универзитетот Колумбија – во набавка и извоз на човечки мозоци од Македонија за научни експерименти во Соединетите Американски Држави.
Според документите, станува збор за околу 1.000 човечки мозоци, дел од нив од лица кои извршиле самоубиство. Во истрагата не постојат информации дали семејствата на починатите во Македонија дале согласност за ваква употреба на органи, ниту пак дали македонските институции биле запознаени или дале дозвола за ваков извоз.
Во еден од објавените мејлови, датиран на 5 февруари 2019 година, се зборува за истражувања поврзани со причините и биолошките аспекти на самоубиствата. Во кореспонденцијата се спомнуваат и научници од повеќе реномирани американски универзитети, меѓу кои Питсбург, Колумбија, Њујорк и Јејл.

Во делот што се однесува на Македонија, буквално се наведува дека „малата балканска земја Македонија ги обезбедува мозоците благодарение на еден член на факултетот на Универзитетот Колумбија кој потекнува оттаму и кој помогнал да се организира целиот процес“. Според описот, мозоците биле замрзнувани веднаш по отстранувањето, транспортирани со авион под специјална придружба и испраќани на растојание од околу 7.500 километри до САД. Таму завршувале во специјални кутии, означени со кјуар-кодови, со дисецирани делови од ткиво обележани по страни и датум на земање.
Овие наводи повторно го враќаат вниманието кон мрежата на контакти и активности поврзани со Џефри Епстин, кој во 2008 година беше осуден во Флорида за подведување малолетнички на проституција, а во 2019 година беше обвинет од Министерството за правда на САД за трговија со луѓе со цел сексуална експлоатација.

Во август 2019 година, Епстин беше пронајден мртов во својата затворска ќелија во Њујорк, а неговата смрт официјално беше прогласена за самоубиство – случај што и понатаму предизвикува бројни контроверзии и сомнежи.












