Џошуа сними трогателно видео за тешката сообраќајна несреќа во која ги загуби пријателите и тренерите

Точка

31/01/2026

12:16

769

Големина на фонт

а а а

Поранешниот двократен светски шампион во тешка категорија, Ентони Џошуа, се огласи по повод трагичната сообраќајна несреќа во Нигерија, во која животот го загубија две лица. Џошуа во несреќата се здобил со повреди кои не се опасни по живот, а сега за првпат јавно проговори за настанот во кој настрадаа двајца негови најблиски пријатели, пишува „MMAWeekly.com“.

Несреќата се случила десет дена откако Џошуа на 19 декември во Мајами го победи Џејк Пол со нокаут во шестата рунда. За време на престојот во Нигерија, автомобилот во кој се наоѓал Џошуа учествувал во смртоносен судир. Во несреќата загинаа неговиот личен тренер Латиф „Лац“ Ајоделе и кондицискиот тренер Сина Гами.

Долга порака на благодарност

Џошуа за трагедијата се огласи во четвртокот преку долга видео-порака со наслов „Чувар на моите браќа засекогаш“ (My Brothers Keeper For Life), а заедно со видеото објави и писмена благодарност.

„Искрено, ми требаа неколку обиди за да го снимам ова, но сакав да им се заблагодарам на сите за љубовта и поддршката што ми ја пруживте по несреќата“, напиша Џошуа. „Исто така, сакам да ја искористам можноста длабоко да им се заблагодарам на итните служби, на сите кои притрчаа на помош на Лац и Сина, на оние кои ми помогнаа мене да стигнам до болницата, како и на сите локални жители кои се молеа за нас на местото на несреќата.“

Посебно им се заблагодари на медицинскиот персонал, дипломатите и бизнисмените. „На лекарите и медицинските сестри во болницата "Lagoon Ikoyi", вклучувајќи ги д-р Огуњанкин, д-р Тосин Мајекодунми и д-р Ниналова – ви благодарам за грижата. Му благодарам и на заменикот на британскиот висок комесар Сајмон Филд. Голема благодарност и до чичко Феми Отедола и Алхаџи Алико Данготе за сета логистичка поддршка. Без вас, враќањето во Обединетото Кралство немаше да помине толку лесно“, порача тој.

Во својата порака ги спомена и бројни нигериски функционери. „Сакам да им се заблагодарам и на сенаторката Дејзи Данџуми, на комесарите за здравство и полиција во државите Огун и Лагос. На гувернерот на државата Лагос, Неговата Екселенција господинот Бабаџиде Санво-Олу, и на гувернерот на државата Огун, Неговата Екселенција принцот Дапо Абиодун, ви благодарам за личниот ангажман и секојдневното следење на ситуацијата. И на претседателот Бола Ахмед Тинубу, ви благодарам што го задолживте вашиот тим да се вклучи и да помогне. Тоа ми значи многу.“

„На крај, благодарам и на Сесил Хамонд и на сите останати кои беа вклучени. Вашиот труд, добрина и поддршка никогаш нема да бидат заборавени“, заклучи Џошуа.