Клучниот аларм доаѓа од долгогодишните студии. Познатите германски истражувања покажуваат дека падот на биомасата на летечките инсекти е за повеќе од 75 отсто во заштитените подрачја меѓу 1989 и 2016 година и тоа не во индустриските зони туку во природните резервати.
Светската популација на инсекти од пчели, пеперутки и молци, до муви, комарци исчезнува со алармантна брзина, создавајќи „длабока тишина“ која би можела да биде предзнак за сериозна еколошка и здравствена криза за луѓето, предупредува познатиот американски доктор по интензивна нега, д-р Јосеф Варон од Хјустон.
Во колумна објавена месецов во магазинот „The Defender“, Варон вели:

„Во медицината тишината може да биде поалармантна од вревата. Пациентот којшто одеднаш ќе престане да покажува болка или мониторот којшто ќе „замолчи“ често сигнализира некаква пречка, а не подобрување. Истото е и со екологијата“, пишува Варон.
„А, сега токму таа длабока тишина е загрижувачка. Моменталната тишина не треба да се толкува како стабилност – тоа е предупредување“, додава докторот.
Глобалната процена укажува дека над 40 отсто видови на инсекти се во опаѓање, а предвидувањата сугерираат дека до 2030 година дури четвртина од видовите би можеле да бидат изгубени или во висок ризик.
Последиците се повеќекратни и директно ги погодуваат луѓето. Инсектите се клучни опрашувачи на овошјето, зеленчукот, јаткастите плодови и мешунките.
Без нив не се нарушува само количината храна туку и нејзиниот квалитет – се губат клучните нутриенти, витамини, минерали и антиоксиданти што го ослабнуваат имунолошкиот состав и го зголемуваат ризикот од хронични болести.
Варон го гледа недостатокот на инсекти како „биомаркер на стрес и токсичност на околината на популацијата“.
Пациентите веќе покажуваат зголемени алергии, отпорност на антибиотици, респираторни инфекции и нутритивни недостатоци и тоа дел поврзани со промената во екосистемот.

Понатаму, неоникотиноидите и други хемиски нарушувања делуваат на нервните состави на инсектите, но и на цицачите, вклучувајќи ендокрини нарушувања, невролошки проблеми и метаболични болести кај луѓето.
Варон истакнува дека инсектите, со своите кратки животни циклуси и висок метаболизам, реагираат на нарушувања многу претходно отколку што кај луѓето ќе се појават симптомите.
„Инсектите се чувари на биологијата, нивната смрт е ран знак дека живите системи се распаѓаат“, вели тој.
Без итна акција на намалување на пестицидите, заштита на живеалиштата и интеграции на еколошкото здравје во медицинската пракса, последиците би можеле да бидат катастрофални.
„Цивилизациите не пропаѓаат само поради војна или економија. Тие пропаѓаат кога живите системи што ги одржуваат тивко ќе се урнат“, пишува „Daily Mail“.














