Мегазделка за најследениот тиктокер: Кој го купува бизнисот на Каби за дури 975 милиони долари?

Точка

29/01/2026

15:37

696

Големина на фонт

а а а

Каби Ламе, најследениот тиктокер во светот, е поврзан со трансакција вредна меѓу околу 900 и 975 милиони долари, во која американската листирана компанија „Rich Sparkle“ ја презема „Step Distinctive Limited“.

Каби Ламе, креатор роден во Сенегал кој глобално експлодираше со видеа во кои без зборови исмејува комплицирани „life hack“ трикови, влезе во еден од најголемите бизнис-договори што досега биле поврзани со некој инфлуенсер. „Business Insider Africa“ пишува за износ од околу 900 милиони долари, додека документите на „SEC“ и дел од други извори наведуваат вредност од 975 милиони долари.

Според јавно достапните пријави, „Rich Sparkle Holdings“ на 9 јануари 2026 година склучил договор за купување на 100% од „Step Distinctive Limited“, а надоместот се реализира преку издавање 75 милиони акции, односно без класична исплата во готовина. Во пракса, тоа значи дека вредноста на трансакцијата е поврзана со цената на акцијата, па затоа кружи и распон на проценки.

„Business Insider Africa“ наведува дека купувачот добива ексклузивни глобални комерцијални права на брендот на Каби за почетен период од 36 месеци, со стратешко партнерство кое треба брендот да го претвори во „full chain“ бизнис — од содржина, преку e-commerce, до лиценцирање. Во нивниот опис, тоа е поместување од класичниот инфлуенсер маркетинг кон модел во кој креаторот учествува и преку сопствеништво.

Во поголем број текстови околу овој договор се провлекува и AI-компонентата. „Forbes“, повикувајќи се на објави на „SEC“ и соопштенија, ги споменува плановите поврзани со AI „digital twin“ како дел од пошироката комерцијализација на содржината, односно начин брендот да се скалира на повеќе јазици и формати. „Rich Sparkle“ самиот договор го комуницираше преку прес-објави и објава на „Nasdaq“.


Значи, голема компанија ја купила онлајн-персоната на најпознатиот TikTok-креатор на содржина, а не неговите услуги. Споменувањето на AI-компонентата ни сугерира која е главната идеја зад сето тоа — користење на ликот и делото на Каби во AI-објави за да можат да креираат повеќе содржина, и тоа каква било што ќе им падне на памет. Ова е прв ваков случај, барем на толку познат пример, на ваков бизнис-модел, и логично е што отвора прашање дали инфлуенсерството генерално ќе се насочи во правец во кој ќе стекнеш популарност, а потоа ќе се „пензионираш“, додека AI те „одржува во живот“ кога станува збор за социјалните мрежи.

Зошто ова е интересно и надвор од "TikTok": ваквите трансакции се знак дека дел од индустријата на инфлуенсери се обидува да се префрли во „фирма“ со попредвидливи приходи, наместо сè да зависи од поединечни кампањи. Во овој случај, Ламе добива голем сопственички пакет преку акции, а компанијата добива права и структура за глобално монетизирање на публика која брои стотици милиони следбеници на повеќе платформи.